Нова тужба за МОН поради студентскиот оброк, Јаневска вели дека не сме Словенија

Објавено:

Форумот за образовни промени (ФОП) поднесе тужба пред Управниот суд против Министерството за образование и наука, поради „неусогласувањето на висината на субвенционираниот студентски оброк кој треба да расте во секоја фискална година согласно растот на животните трошоци“. Според ФОП, зголемувањето е обврска а не милост.

„Да бидеме јасни висината на субвенционираниот студентски оброк не е прашање на ретроградниот Меркур или прашање на милостина на владата и на министерството за образование и наука кон студентите или пак добрата волја или расположение на министерката Весна Јаневска, туку е законска обврска и службена должност“ излавил претседателот на Форумот, Бленди Ходаи.

Усогласувањето на износот од 140 денари на ден, Министерството за образование го нема направено три фискални години наназад и според пресметките на ФОП, Министерството на 30.000 студенти им должи по 100 евра и тие бараат исплата на овие пари ретроактивно.

Тужба и од ЛДП

Претходно, тужба до Управниот суд поднесе и Либерално-демократската партија од велат дека во 2023 година инфлацијата изнесувала 9,4%, во 2024 година 3,5%, а во 2025 година 4,1%. и дека покрај законската обврска за усогласување, студентите и понатаму добиваат само 140 денари.

Тужбата на ЛДП е „поради недонесување управен акт за усогласување на субвенционираниот студентски оброк за 2026 година“.

Претходно, во септември, студенти од универзитетите од Скопје, Тетово и Штип, неформално организирани во Националното студентско тело испратија барање до Министерството за образование за зголемување на субвенционираниот студентски оброк од 140 на 200 денари.

МОН: Министерството е во активни преговори

Според министерката за образование и наука, Весна Јаневск, Министерството за образование и наука е во активни преговори со студентите за воведување нов систем за правилно и посоодветно користење на субвенцијата за здрав студентски оброк.

Јаневска денеска, одговарајќи на новинарско прашање, во рамки на денешната панел-дискусија „Извештајот на Европската Комисија за 2026 – напредок и реформи“ во Владата, појасни дека разговорите се водат бидејќи извештаите во соработка со странски партнери покажуваат дека средствата за оброкот не се целосно искористени во правец на здрава исхрана на студентите.

„Ние во моментов разговараме со студентите. Во 2023 е зголемен студентскиот оброк, и кога 2025 – бидејќи во 2024 доаѓа да управува со државата оваа власт, ние ги почнуваме разговорите со студентите и бараме решенија за 2025. Сме постигнале заедничко решение и согласност и сме го прошириле опсегот на нивното барање. До моментот до овие најави во сила бил тој договор. Оттука сега почнавме преговори со студентите, она што мислам дека е најзначајно е ние да се усогласиме, а длабоко сум убедена дека како и претходниот пат, така и овојпат ќе најдеме соодветно решение“, изјави Јаневска.

Јаневска, исто така, потсети дека и премиерот Христијан Мицкоски лично се заинтересирал и имале средба со студентите.

vesna janevska - foto besa facebook

„Ние сме Словенија“

Иницијативата за промени Јаневска рече дека потекнува и од студентските здруженија и претставници кои побарале решенија слични на системот што се применува во Словенија, но дека Македонија не е Словенија.

„Ние ќе се обидеме во најдобри можни услови, оти не сме Словенија, да го направиме тоа така како да им соодветствува и почнуваме со подготовки за да го воведеме тој нов систем кој е на нивно барање. Но и ние сметаме дека ќе биде добар за посоодветно искористување на средствата“, изјави Јаневска.

Предлог и од премиерот Мицкоски

На крајот на октомври, пред студентите на маса беше ставен нов предлог кој пристигна од премиерот Христијан Мицкоски и од министерката за образование и наука, Весна Јаневска, а тоа беше воведување на систем по кој ќе добиваат ваучери само за храна. До овој предлог дојде по средбата на 28 октомври, меѓу претставниците на студентите со властите, на која, како што тогаш рекоа, биле отворени клучните прашања и предизвици со кои се соочуваат идните академски граѓани.

Еден од клучните прашања за кои разговарале беше барањето на студентите за зголемување на субвенционираниот студентски оброк.

Студентскиот оброк беше и дел од расправата за ребалансто на Буџетот за 2026

За барањето на студентите субвенционираниот студентски оброк да се зголеми од сегашните 140 на 200 денари се зборуваше во Собранието на расправата за вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година.

Студентските претставници минатиот месец ги презентираа своите аргументи за потребата од поголема финансиска поддршка со оглед на зголемените трошоци за живот.

„Поентата е што побрзо да се зголеми тој студентски оброк. Така да, независно од систематските промени – дали ќе функционираме со картички како досега или ќе го менуваме системот – ние бараме во најбрз можен рок да се зголеми оброкот. Колку ќе се зголеми? Таков одговор не добивме“, изјави тогаш една од претставничките на студентите пред Владата.