Цените на нафтата денеска повторно пораснаа на меѓународните пазари, при што барел „брент“ надмина 100 долари, по новите напади врз танкери во Персискиот Залив и зголемената неизвесност околу војната во Иран, пренесоа западните медиуми.
Според податоците од денешното тргување, северноморската нафта „брент“ поскапи за 2,1 отсто, достигнувајќи 100,34 долари за барел, додека американската сурова нафта ВТИ порасна за 1,6 отсто, на 92 долари, објави Ен-Би-Си.
Главна причина за растот се стравувањата од нарушување на испораките од Блискиот Исток. Најмалку пет пловила пријавиле инциденти од почетокот на неделата, што дополнително ја зголемува загриженоста за безбедноста на транспортот низ стратешкиот Хормуски Проток.
Претходно, во неделата, цените на двата главни типа нафта паднаа за повеќе од осум проценти, поради надежите за намалување на тензиите со Иран и нормализирање на испораките. Сепак, новите инциденти повторно ги засилија стравувањата на пазарите, објави Би-Би-Си.


