На 45 години затвор е осуден Анис Калајџиќ за убиството на Алдина Јахиќ минатата година. Ова е прва пресуда изречена од Кантоналниот суд во Мостар откако Кривичниот законик беше изменет во ентитетот Федерација Босна и Херцеговина за да се вклучи фемицидот како посебно кривично дело.
Според обвинението, на 16 ноември 2025 година, Калајџиќ ја застрелал и убил својата поранешна девојка на автобуска станица на во Мостар, по месеци закани и малтретирање.
Обвинителството тврди дека жртвата се обидела да избега и да побара помош од граѓаните и полицијата, но обвинетиот ја пронашол во ресторан, каде ја застрелал во главата, нанесувајќи ѝ смртоносни повреди.
Истрагата утврдила дека Калајџиќ претходно им се заканувал на своите поранешни партнерки во неколку наврати, доаѓал во нивните станови и им испраќал заканувачки пораки. Судбоносната вечер неовластено го поседувал пиштолот со кој го извршил убиството.
Убиството на Алдина Јахиќ е еден од низата случаи на фемицид во Босна и Херцеговина во последниве години, за кој организациите на граѓанското општество предупредуваат дека е сериозен општествен проблем.
Во босанскиот ентитет на Федерацијата Босна и Херцеговина, Кривичниот законик беше изменет во 2025 година, вклучувајќи го фемицидот како посебно кривично дело. Казните се движат од десет години до долгогодишна затворска казна.
Поради честите убиства на жени и под јавен притисок, босанскиот ентитет Федерација Босна и Херцеговина усвои и изменет Закон за заштита од семејно насилство во април 2025 година.
Меѓу другото, со него се проширија овластувањата на полицијата, која е должна да го процени ризикот од смртност и повторување на насилството по пријавен случај на насилство.
Законот, исто така, предвидуваше воведување на електронски алки со цел поефикасно следење на лицата за кои е изречена забрана за приближување до жртвите.
Според податоците од невладините организации, во БиХ просечно годишно има по 11 фемициди.
Од почетокот на 2023 година до крајот на 2024 година, убиени се 35 жени.


