Со помош на вештачка интелигенција украле 129 милиони долари

Објавено:

Тројца мажи се обвинети во Соединетите Американски Држави за измама вредна повеќе од 129 милиони долари, која, според обвинителството, ја извеле со помош на вештачка интелигенција, фалсификувајќи ги гласовите и изгледот на директори на компании и адвокати.

Според обвинението поднесено пред федералниот суд во Њујорк, мета на Џејкоб Соал (41), Шарон Хазан (54) и Гај Шитрит (42), во период од повеќе од година и пол, биле илјадници компании ширум светот.

Од јули 2024 до февруари 2026 година, осомничените со помош на вештачка интелигенција ги фалсификувале гласовите и изгледот на раководители на бројни компании и адвокати од големи меѓународни адвокатски канцеларии.

Најпрво контактирале со вработени во компаниите, претставувајќи се како генерални директори и барајќи помош за доверливи финансиски трансакции.

Потоа организирале телефонски разговори и видеоповици, при што дополнително користеле вештачка интелигенција за да ги убедат вработените дека навистина разговараат со директорите.

Вработените потоа ги упатувале кај наводни адвокати од големи меѓународни адвокатски канцеларии, чии идентитети исто така лажно ги претставувале, со цел да ги уверат дека станува збор за вистински деловни трансакции.

На овој начин ги наведувале вработените да префрлаат големи суми пари на банкарски сметки под контрола на членовите на групата.

Вкупната штета надминала 129 милиони долари, се наведува во обвинението.

Според податоците на американското Министерство за правда, двајца осомничени биле уапсени во Шпанија во август, додека третиот бил уапсен во Велика Британија во септември.

Сите тројца чекаат екстрадиција во САД, каде што ќе се соочат со обвиненија за електронска измама, кражба на идентитет и перење пари.

За делата што им се ставаат на товар е предвидена казна до 20 години затвор.