Студентите 140 пратеници, Вучиќ 103 – конечни резултати

Објавено:

Републичката изборна комисија (РИК) едногласно ги усвои вкупните резултати од изборите за пратеници во Собранието на Србија, според кои „Студентска листа – Студентите победуваат“ освоила 2.354.417 гласови, односно 140 пратенички мандати, додека листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ освоила 1.731.323 гласови, односно 103 мандати.

Во парламентот ќе влезат и уште седум пратеници од листите на националните малцинства.

Со усвојувањето на вкупните резултати почнаа да течат законските рокови за конституирање на новиот состав на Народното собрание, што треба да се случи во рок од 30 дена од објавувањето на конечните резултати.

Според Законот за избор на народни пратеници, РИК во рок од 10 дена од објавувањето на вкупниот извештај за изборните резултати, со решение им ги доделува мандатите на кандидатите за пратеници, според нивниот редослед на изборната листа.

Врз основа на извештајот на Републичката изборна комисија за спроведените избори, пратеничките мандати се потврдуваат на првата седница на Народното собрание.

Седницата ја свикува претседателот на Народното собрание од претходниот состав, така што таа треба да се одржи најдоцна 30 дена од денот на прогласувањето на изборните резултати.

Со потврдувањето на мандатите на најмалку две третини од пратениците се конституира новиот состав на Народното собрание, со што престанува мандатот на претходниот парламентарен состав.

Рокот за формирање нова влада е 90 дена од конституирањето на Народното собрание.

Предвремените парламентарни избори, на кои учествуваа 18 изборни листи, од кои девет имаа статус на изборни листи на националните малцинства, се одржаа на 25 октомври.