Рубио заминува – почнува трката за наследник на Трамп

Објавено:

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, би можел да ја напушти администрацијата на претседателот Доналд Трамп по поразот на републиканците на среднорочните избори, со цел да се подготви за кандидатура на претседателските избори во 2028 година, објави британскиот весник „Индепендент“, повикувајќи се на извори од американските републикански кругови и британската влада.

Според весникот, Рубио се споменува како еден од можните кандидати за републиканската претседателска номинација, а негов главен потенцијален ривал би можел да биде потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.

Изворите наведуваат дека заминувањето на Рубио од администрацијата би му овозможило да се дистанцира од политиките на Трамп, особено во однос на војната во Иран, што се наведува како една од причините за изборниот пораз на републиканците.

Претходно и Венс јавно призна дека војната со Иран била клучен фактор за нивниот изборен неуспех. Во објава на социјалната мрежа „Икс“ во средата, тој експлицитно го поврза губењето на републиканското мнозинство во Сенатот со одлуката на Трамп да влезе во војна.

Инаку, Џеј Ди Венс, за разлика од својот шеф Доналд Трамп, не изрази поддршка за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред парламентарните избори што беа одржани на 27 октомври.