Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, за разлика од својот шеф Доналд Трамп, не изрази поддршка за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред парламентарните избори што ќе се одржат на 27 октомври.
„Не сум против тоа да го поддржам, но не сум ниту за тоа да го поддржам- не се мешам во израелските избори“, одговори Венс на американски новинар кој побара од него да се изјасни.
„Јас им давам поддршка на американските кандидати, а мојот фокус е на меѓуизборите за Конгресот“, додаде американскиот потпретседател, осврнувајќи се на претстојните избори на 3 ноември, на кои ќе се избираат дел од членовите на двата дома на американскиот Конгрес.
Трамп во неделата изрази целосна и безрезервна поддршка за Нетанјаху на парламентарните избори на 27 октомври. Израелскиот премиер му се заблагодари за огромната поддршка во пресрет на изборите, за кои се очекува дека ќе бидат неизвесни.
Воздржаноста на потпретседателот е во спротивност со неговите претходни ставови за изборите во други земји, во кои не се двоумеше да се „меша“.
Така, Венс силно го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори во април, на кои популистичкиот лидер беше соборен од власт по 16 години.
Венс во Германија ги покажа и своите симпатии кон партијата Алтернатива за Германија (АфД). Тој се сретна со нејзината лидерка Алис Вајдел и го критикуваше политичкиот санитарен кордон што го воспоставија големите партии кон оваа екстремно десничарска политичка групација.


