На предвремените парламентарни избори во Србија на 25 октомври, 44,5 проценти од гласачите би ја поддржале Студентската листа – „Студентите победуваат“, а 42,7 проценти би гласале за листата на владејачката Српска напредна партија (СНС) – „Обединета Србија“, предводена од доскорешниот српски претседател Александар Вучиќ, покажува најновата анкета што денеска (20 окомври) ја објави „Нова српска политичка мисла“ (НСПМ), списание за политичка теорија и социјални истражувања со седиште во Белград.
Анкетата била направена во периодот од 25 септември до 5 октомври, телефонски на репрезентативен примерок од 1.050 испитаници.
Најголем број испитаници – 79,8 проценти, изјавиле дека ќе гласаат на изборите, 13,3 проценти одговориле со „веројатно“, два проценти не се сигурни, додека 3,2 проценти рекле „дефинитивно нема“, а 1,7 проценти не одговориле или немаат јасен став за тоа.
Според истражувањето на НСПМ, сите останати листи моментално се под изборниот праг од три проценти, потребен за да се обезбеди место во парламентот. Меѓу нив е Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ која би добила 2,9 проценти од гласовите, листата на опозициската коалиција Европска Србија со 2,7 проценти, конзервативно-десничарската коалиција Автентична десница 2,5 проценти, додека останатите листи се под два проценти.
Она што е впечатливо во оваа анкета е исклучително големиот број луѓе кои не знаат или не сакале да кажат за кого ќе гласаат – дури 18,3 проценти.
Ваквите резултати ги потврдуваат претходните проценки на бројни аналитичари дека во Србија се создава референдумска атмосфера меѓу електоратот по 14 години владеење на СНС и оти клучни играчи ќе бидат Студентската листа и листата на владејачката партија предводена од Вучиќ.
Во исто време, проценките се дека големата излезност би требало да оди во корист на Студентската листа.
Мобилизацијата на студентите во Србија започна по трагедијата во Нови Сад на 1 ноември 2024 каде се урна настрешницата од железничката станица при што загинаа 16 лица.
Тие постојано инсистираат дека треба да се утврди одговорност на властите за трагедијата, додека Вучиќ и неговата владејачка партија Српската напредна странка (СНС) негираат одговорност и најавуваат контра собири што досега не се одржани.
Студентите ја блокираа работата на факултетите, маршираа низ цела држава, организираа низа протести и мобилизираа илјадници граѓани. Тие бараа избори и се одлучија на нив да предложат своја листа кандидати.


