Рејтингот на американскиот претседател Доналд Трамп падна на рекордно ниско ниво, бидејќи Американците се загрижени поради високите цени на бензинот и се чини дека се подготвени да ја казнат неговата Републиканска партија на конгресните избори на 3 ноември, покажува анкетата на Ројтерс и Ипсос, чие спроведување заврши вчера.
Само 31 отсто од Американците го одобруваат работењето на Трамп како претседател, што е за еден процентен поен помалку во споредба со пред две недели и најниско ниво во двата негови претседателски мандата, покажува анкетата спроведена во текот на четири дена.
На прашањето за која партија би гласале доколку конгресните избори се одржат денеска, познато како прашање за „генеричко гласање“, 47 отсто од регистрираните гласачи во националната анкета ги избрале демократите, а 35 отсто републиканците.

Предноста од 12 процентни поени е најголема во текот на актуелниот изборен циклус и би можела да ги зајакне надежите на демократите за преземање на контролата врз Претставничкиот дом и Сенатот на САД.
За републиканците, губењето на контролата врз кој било од двата дома на Конгресот би можело да ја отежне реализацијата на агендата на Трамп во последните две години од неговиот мандат.
Популарноста на Трамп е во пад откако во февруари нареди воени напади врз Иран, заедно со американскиот сојузник Израел. Војната предизвика нагло зголемување на цените на бензинот, што ги погоди семејните буџети.
Околу 68 отсто од Американците не го одобруваат начинот на кој Трамп управува со економијата, меѓу нив и 37 отсто од оние што се изјасниле како републиканци.


