Д-р Николина Здравеска, педијатар: РСВ вакцината да биде приоритет, да не гледаме полни болници со деца

Објавено:

Бебиња и мали деца ги полнат болничките кревети во детските одделенија во зима поради респираторниот вирус РСВ ( респираторен синицијален вирус). За да се намали бројот на хоспитализирање, потребно е доенчињата уште во првата година да примат вакцина против овој вирус, препорачува педијатарката проф. д-р Николина Здравеска. Вакцината засега не е воведена како задолжителна, туку се препорачува. Дали треба да се воведе или не, како и за многу други прашања разговаравме со докторката која е супспецијалист неонатолог при Универзитетската Клиника за детски болести.

Д-р Здравеска, зошто првата година од животот на детето е особена важна за неговата имунизација?

Првата година е период на најголема ранливост. Имунолошкиот систем на новороденчето е незрел, а антителата што бебето ги добило од мајката преку плацентата брзо опаѓаат во текот на првите месеци. Токму во овој период болести како голема кашлица, пневмококни и хемофилус инфекции, ротавирусот или мали сипаници имаат најтежок клинички тек, најголема опасност од појава на компликации и потенцијално неповолен исход. Кај доенче, голема кашлица може да се манифестира не со кашлица, туку со апнеа, односно запирање на дишењето. Затоа календарот е направен вакцинацијата да започне веднаш по раѓањето и да ја изгради заштитата пред детето да се сретне со овие инфекции.

Колку вакцини треба да прими детето во првата година и од какви компликации го штитат тие?

Според Календарот во нашата држава, процесот на имунизацијата започнува уште во породилиштето. Вакцината против хепатитис Б се дава во првите 24 часа од раѓањето, а БСЖ вакцината при отпуштање од породилиштето. Од втор месец следуваат три дози комбинирана вакцина. Првата и третата доза се шестовалентна вакцина (дифтерија, тетанус, голема кашлица, хемофилус инфлуенцае, хепатитис Б и детска парализа), а втората доза е петовалентна. Паралелно со неа се даваат три дози орална ротавирусна вакцина, со тоа што третата мора да се даде најдоцна до 32 недели, како и две дози пневмококна вакцина со бустер доза подоцна. МРП вакцината се дава со навршени 12 месеци.

Со оглед на тоа, заштитата во првата година опфаќа 13 болести. Тоа се туберкулоза (особено тешките форми како туберкулозен менингитис), хепатитис Б (заразен во доенечка возраст, тој преминува во хронична форма кај околу 90% од децата), дифтерија, тетанус, голема кашлица и детска парализа. Понатаму хемофилусот и пневмококот, кои предизвикуваат менингитис, сепса и пневмонија, ротавирусот, како најчеста причина за тешка дехидрација од гастроентеритис кај доенчиња, како и мали сипаници, заушки и рубеола. Бројот на убоди е многу помал од бројот на болести, затоа што вакцините се комбинирани.

Дали постојат разлики во пристапот кон вакцинацијата кај предвремено родените бебиња?

Основното правило е предвремено родените бебиња да се вакцинираат според хронолошката возраст, а не според корегираната, со истите дози. Нивниот ризик од тежок тек на инфекциите е уште поголем, па одложувањето е посебно опасно кај нив. Постојат неколку специфичности:

Кај бебиња со многу ниска родилна тежина, одговорот на дозата хепатитис Б дадена при раѓање е послаб. Ако мајката е HBsAg позитивна, вакцината и имуноглобулинот се даваат веднаш, без оглед на тежината. BCG вакцината обично се дава кога бебето ќе постигне соодветна тежина и е клинички стабилно. Кај ротавирусната вакцина треба да се води сметка за возрасните граници, бидејќи бебињата кои долго лежат во интензивна нега лесно можат да го пропуштат „прозорецот“. Oсвен тоа, многу е важна и заштитата преку околината, како на пример вакцинација на мајката против голема кашлица во бременоста и вакцинација на членовите на семејството против грип.

Кај предвремено родените бебиња е особено важна заштитата од инфекција предизвикана од РСВ – респираторен синсинцицијален вирус и кај нив задолжително треба да се спроведе.

Колку е важен колективниот имунитет и како опфатот со вакцинација влијае врз заштитата на најранливите деца?

Колективниот имунитет е заштитата што ја добиваат оние кои не можат да се заштитат самите: новороденчиња кои сè уште не ги примиле вакцините, деца со имунодефицит или на хемотерапија, предвремено родени бебиња. Кога доволно голем дел од населението е вакциниран, патогенот нема по кого да се шири. За мали сипаници, како една од најзаразните болести, потребен е опфат од околу 95%. За голема кашлица и детска парализа прагот е нешто понизок, но сепак висок. Кога опфатот паѓа под тие граници, болеста најнапред ги погодува токму најранливите, кои никогаш и не можеле да бидат вакцинирани.

За кои вакцини постои најголем скептицизам кај родителите, не само во првата година од животот на детето туку и потоа?

Најголем скептицизам постои кон МРП вакцината. Причината е многу одамна побиената, а сепак упорна теза за поврзаност со аутизам. Втората вакцина со голем скептицизам е ХПВ вакцината која се дава на 12 години и за која опфатот на вакцинација е најнизок, иако штити од карцином на грлото на матката и други малигни заболувања. Родители имаат резерва и кон комбинираните вакцини, од страв дека се „премногу антигени одеднаш“.

Кои се вакцините кои најчесто се одложуваат кај децата од страна на нивните родители? Дали е ова опасно или ризично?

Најчесто се одложува МРП. Родителите често велат „ќе почекаме детето да прозборува“ или „да порасне малку“. Се одложуваат и ревакцинациите, како и дозите што се поклопуваат со лесни настинки, иако лесната настинка не е контраиндикација за вакцинација. Одложувањето не е безопасна неутрална одлука. Секој месец без вакцина е месец во кој детето е незаштитено во возраст кога болеста е најопасна. Календарот не е произволен: тој е направен така што заштитата да се воспостави пред периодот на најголем ризик. Одложената вакцинација е, всушност, продолжен период на ранливост.

Додека докторите упатуваат апели базирани на наука, какви дезинформации  се шират за вакцинацијата? Кои се најголемите митови во врска со вакцинацијата кај децата кои вие како доктор би сакале да ги разбиете?

Социјалните мрежи се главниот канал за ширење дезинформации. Една лажна вест, особено ако е емотивна, патува многу побрзо од научното објаснување. Митовите што најчесто ги слушамe:

  • „МРП вакцината предизвикува аутизам.“ Студијата што ја лансира оваа теза е повлечена поради фалсификувани податоци, а авторот ја изгуби лиценцата. Големи студии со милиони деца не покажуваат никаква поврзаност.
  • „Премногу вакцини го преоптоваруваат имунолошкиот систем.“ Детето секојдневно се среќава со илјадници антигени. Вакцините содржат дел од нив, а современите вакцини содржат помалку антигени отколку вакцините од пред неколку децении.
  • „Природниот имунитет е подобар.“ За да се стекне „природен“ имунитет, детето мора да ја прележи болеста, со сите ризици: менингитис, пневмонија, енцефалитис, смрт.
  • „Вакцините содржат опасни состојки.“ Количините на адјуванси се минимални и добро проучени, а живата (тиомерсал) одамна не се користи во детските вакцини.
  • „Овие болести исчезнаа, вакцините не се потребни.“ Тие исчезнаа токму поради вакцините и се враќаат кога опфатот паѓа. Тоа го видовме и кај нас.

Со кои вакцини имаме намален опфат и дали тој може да влијае врз појавата на епидемии на заболувања кои би можеле да се спречат?

Кај нас најзагрижувачка е состојбата со МРП вакцината против мали сипаници, заушки и рубеола. Таа веќе неколку години е далеку под нивото потребно за колективен имунитет, и тоа и кај првата доза на една година и кај ревакцинацијата пред поаѓање на училиште.

А дали тоа може да доведе до епидемии? Не само што може, туку веќе доведе. Во 2018–2019 година имавме голема епидемија на мали сипаници, а неодамна и епидемии на голема кашлица, кои најтешко ги погодија доенчињата кои беа премали за да бидат вакцинирани. Ова не е се случува само кај нас. Европскиот регион на СЗО во 2024 година регистрираше најголем број случаи на мали сипаници во последните четврт век. Истовремено, голема кашлица се врати низ цела Европа. Канада минатата година го загуби статусот на земја која ги елиминирала малите сипаници, а Соединетите Американски Држави во 2025 година имаа голема епидемија со смртни случаи кај деца. Пораката е јасна: болестите против кои вакцинираме не исчезнале, туку само се „притаени“.

Патувањата и миграцијата значат дека вирусот на мали сипаници е секогаш на едно патување далеку од нас. Кога опфатот паѓа, епидемијата не е прашање дали ќе се случи, туку кога.

Како таканаречените „антиваксерски движења“ влијаат врз опфатот со вакцини?

Влијанието ретко е директно, преку убедени противници на вакцините. Многу почесто тоа е индиректно: тие создаваат сомнеж кај родители кои не се против вакцините, туку се исплашени и несигурни. Таквиот родител не одбива, туку одложува, а одложувањето кумулативно го намалува опфатот. Дополнително, невакцинираните деца често се групирани во исти заедници, населби или кругови. Таму локалниот опфат е многу понизок од националниот просек, и токму таму епидемиите почнуваат. Затоа е клучно лекарот да има време и трпение за разговор со родителот.

Каква е потребата од воведување на РСВ вакцината во Македонија? За која возрасна група е наменета таа и кои се опасностите за децата во недостиг на оваа вакцина?

РСВ е најчеста причина за бронхиолитис и хоспитализација поради респираторна инфекција кај доенчињата. Секоја зима во неонатологијата и педијатријата го гледаме истиот сценарио: преполни одделенија, доенчиња на кислородна терапија, дел од нив и на интензивна нега. Најтешко се погодени бебињата под 6 месеци, предвремено родените и децата со срцеви и белодробни заболувања. Важно е да се нагласи дека повеќето хоспитализирани бебиња се претходно здрави и родени навреме, па не е доволно да се штитат само ризичните групи.

Денес постојат две стратегии за заштита на доенчињата. Првата е вакцина за бремените жени во третиот триместар, со која мајката пренесува антитела на бебето. Втората е долгоделувачко моноклонско антитело, кое се дава на бебето во една доза пред почетокот на првата РСВ сезона. Строго земено, тоа не е вакцина туку пасивна имунизација, но обезбедува брза и сигурна заштита. Искуствата од земјите што го воведоа се многу охрабрувачки.

Оваа година, како дел од меѓународна група, бев коавтор на студијата „Променливиот пејзаж на РСВ имунизацијата: актуелни политики и практики низ Европа“, објавена во списанието Vaccine, каде ги анализиравме стратегиите за РСВ имунизација во 32 европски земји.  До крајот на 2025 година дури 22 од нив веќе имаат воведено програмска РСВ профилакса за доенчињата, било преку вакцинација на мајката, било преку моноклонско антитело кај бебето. Ce поевидентни се бенефититие, со значано намалување хоспитализациите поради акутни респираторни инфекции кај имунизираните бебиња. РСВ профилаксата сè уште не е дел од нашата Програма за имунизација. Сметам дека нејзиното воведување, за новроденчињата и доенчињата во првата сезона, треба да биде приоритет.