Молотови коктели и водни топови на улиците во Тирана

Објавено:

Со судири меѓу полицијата и демонстрантите продолжија протестите на улиците во Тирана, но за разлика од протестите во изминатите седум денови, овој пат албанската полиција интервенираше не дозволувајќи им на демонстрантите да се соберат и принудувајќи ги да се распрснат во различни делови од Тирана, јави албанскиот сервис на Радио Слободна Европа(РСЕ).

Протестите ги предводат студенти кои изјавија дека протестите се поврзани со условите на универзитетите, трошоците за високото образование, како и недостатокот на финансиска поддршка и перспективи за вработување по дипломирањето.

Ситуацијата во текот на денот беше релативно мирна и започна со собирање на граѓани пред Министерството за образование, каде демонстрантите го повторија барањето за оставка на премиерот Еди Рама и неговата Влада.
Пријавен е инцидент во Апелацискиот суд, откако демонстрантите фрлаа камења врз згрдата и ги скршија прозорците.

Во врска со овој инцидент, службените лица подоцна изјавија дека пет лица се уапсени, а по уште 15 се трага. Меѓу уапсените е и малолетник, на 16 години, соопшти полицијата, тврдејќи дека кај него за време на претресот биле пронајдени пиротехнички средства.

По немирите пред Апелацискиот суд, демонстрантите потоа се преместија во други области, бидејќи полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги растера во паркот Ринија во главниот град на Албанија.

Демонстрантите останаа неколку часа на булевар во близина на кабинетот на премиерот, каде не беа пријавени инциденти.

Но, во вечерните часови тие се преместија кон зградата на Министерството за внатрешни работи, фрлајќи камења, пиротехнички средства и молотови коктели кон полицијата. Полицајците одговорија со солзавец и водни топови, додека демонстрантите фрлаа молотови коктели и запалија канти за ѓубре додека бегаа низ различни делови од центарот на Тирана.

По улиците на албанскиот главен град беа забележани полициски сили и моторни поворки, кои ги растеруваа демонстрантите, додека бројни полициски возила беа забележани на плоштадот во близина на кабинетот на премиерот, според РСЕ.

Рама предупреди дека демонстрантите кои учествуваат во насилството ја преминале „црвената линија“. Тој преку социјалните мрежи порача дека правото на протест не може да биде оправдување за уништување имот и напади врз институциите. Исто така, најави парични награди од по 2.500 евра за секој полицаец кој се справува со протестите.

„Протестите се право, а насилството е кривично дело. Таа црвена линија ќе биде цврсто повлечена во оваа клучна фаза од нашиот демократски развој“, напиша Рама.

Албанскиот премиер предупреди дека учесниците во насилните инциденти ќе се соочат со правни и финансиски последици и ги повика останатите демонстранти да се оградат од оние што предизвикуваат нереди.

„Јас и владејачкото мнозинство сме подготвени за дијалог со сите, освен со насилниците и политичките партии што не се оградуваат од насилството“, изјави Рама.

И покрај притисокот од улиците, Рама одбива да поднесе оставка. Тој тврди дека насилните протести можат да го загрозат европскиот пат на Албанија и ги обвинува насилните групи дека ги злоупотребуваат барањата на младите.

Немирите следат по месеци претежно мирни демонстрации предизвикани од плановите за изградба на луксузно одморалиште на јужниот брег на Албанија, поддржано од Џеред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, проект кој се соочи со правни предизвици. Протестите претставуваат досега најголем предизвик за Рама, кој минатата година освои четврти мандат.