Украинец ќе игра за македонската репрезентација во ракомет

Објавено:

Украинскиот ракометар Дмитро Хориха стана натурализиран Македонец и ќе го носи македонскиот репрезентативен дрес во сениорска категорија.

Отсега тој ќе биде засилување за машката сениорска ракометна репрезентација.

„Се работи за играч кој има шут од надвор, кој е играч во два правци, кој има победнички карактер и во последните години покажал дека секогаш прави се за неговиот тим да победи“, изјави Кире Лазаров, селектор на сениорската репрезентација.

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ја соопшти веста откако Хориха доби официјална дозвола од Светската ракометна федерација (ИХФ) да настапува во дресот на македонската репрезентација.

„Мислам дека добиваме еден ракометар што ќе даде тежина и голем придонес, тој е во зенитот на својата кариера и се надеваме дека со него ќе добиеме на квалитет и ќе придонесе и тој за подобри резултати во иднина“, изјави Александар Стефанов, претседател на РФМ.

Хориха во моментов настапува за унгарскиот клуб ПИК Сегед, но е добро познат во македонската јавност со оглед дека играше за ракометниот клуб Вардар 1961 во периодот од 2024 до 2026 година.

„Уште од моите први денови тука, Македонија направи да се чувствувам како дома. И во поразите и во победите, во секој момент од ова патување ја чувствував поддршката од луѓето од сите краишта на земјата. За тоа, сакам од срце да му се заблагодарам на секој од вас! Во моментов ме обземаат многу различни емоции, бидејќи ова претставува голем чекор во мојот живот – чекор што ја менува мојата перспектива и ми отвора сосема нова страна на ракометот. Ова е огромна одговорност, нов предизвик и ново поглавје што го прифаќам со голема гордост и благодарност“, порача Хориха.

Во писмената порака од него, што ја сподели РФМ, тој вели дека во Македонија вистински ја разбрал вредноста на тоа „да имаш луѓе што веруваат во тебе, дури и кога работите не се одвиваат според планот“.

„Ти благодарам, Македонијо, за довербата, за љубовта и за тоа што стана многу повеќе од само една земја за мене”, вели ракометарот во изјавата.