На граѓанин со целосно оштетување на видот, слеп на двете очи, институциите му го скратиле правото на целосен износ за помош и нега од туѓо лице, иако според специјалистичките наоди, неговата здравствена состојба (слепилото) е трајна и непроменлива. И покрај тоа, институциите со години го праќале на контролни прегледи за да му се продолжува правото, поради што Комисијата за заштита од дискриминација(КЗД) утврдила дека врз него е направена директна дискриминација врз основа на попреченост во областа на социјалната сигурност, и тоа од јавна здравствена установа(ЈЗУ).
Поради тоа, Комисијата препорачува институциите да направат повторна проценка и да ја преиспитаат потребата од натамошни контроли за да му дадат помош и нега од туѓо лице во целосен износ, како што и добивал во последните осум години.
Подносителот на пријавата уште во 2018 година остварил право на помош и нега. На преглед во јануари 2026 година, стручна комисија при јавна здравствена установа( Комисијата за заштита од дискриминација не објавува за која установа станува збор) му издала нов наод, врз основа на кој Центарот за социјална работа донел решение со кое му го крати правото, односно му признава помош и нега во помал обем. Лицето поднело жалба до второстепениот орган, но жалбата му била одбиена како неоснована.
Кога негата е во поголем обем, месечниот паричен надомест е 6.342 денари. Надоместот за нега во помал обем е 5.610 денари. Разликата во двете категории е по 732 денари месечно. Или, иако диајгнозата е иста, институциите одлучиле да му исплаќаат помалку пари.
Во претставката до Комисијата, подносителот укажува дека со ова е ставен во понеповолна положба во споредба со други потполно слепи лица. Како директен пример ја наведува својата сопруга, која исто така е потполно слепо лице, но таа веќе 30 години го остварува правото во поголем обем и никогаш не била пратена на контролен преглед. Тој напишал дека постојаното инсистирање на контролни прегледи, иако тие не можат да покажат ништо ново за неговата состојба, го доживува како „вознемирување, малтретирање, понижување“, па дури поставува прашање дали се работи за злоупотреба. Дополнително, навел дека уште во 2018 година, со ист офталмолошки наод и со истата дијагноза остварил право на надомест за слепило, па прашува како иста дијагноза може да доведе до различен третман.
Од Јавната здравствена установа одговориле дека спорното конзилијарно мислење од 27.1.2026 година било донесено од друга комисија во состав од тројца лекари специјалисти од истата ЈЗУ, но не се дадени конкретни причини зошто висината на негата се намалува, ниту зошто е потребен контролен преглед по 12 месеци, објави Комисијата за заштита од дискриминација.
Центарот за социјална работа, пак, одговорил дека не одлучува самостојно за здравствената состојба на корисниците, туку решенијата ги носи врз основа на наодите од стручна комисија.
„Потенцијалниот дискриминатор не успеа да докаже дека во споредлива ситуација кон други лица со иста или слична попреченост се постапува на ист начин, ниту дека постојат фактички или медицински околности што го оправдуваат различниот третман. Поради тоа, Комисијата утврди дека се исполнети елементите на директна дискриминација врз основа на попреченост“, пишува во одлуката.
Со нов Правилник ќе се олеснуваат бирократските процедури
Министерот за здравство Сашо Клековски месецов најави олеснување на бирократските процедури и релаксирање на администрацијата за пациентите со трајни и непроменливи дијагнози. Оваа мерка доаѓа во пакет со пошироката реформа и промените во Правилникот за боледувања, презентиран во септември 2026 година.
Коментирајќи ги последните измени во Правилникот за боледувања, во кој боледувањето што може да го издаде матичен лекар се скратува од седум на пет дена, Клековски изјави дека целта на реформата не е да се казнат или малтретираат граѓаните, туку напротив – да се искористи дигитализацијата за олеснување и кратење на административните маки токму на луѓето со тешки и трајни дијагнози.
„Од друга страна, се залагам за олеснување на оние што навистина се болни и имаат трајни дијагнози и кои нема да се променат, дали се онколошки или автоимуни или потешки дијагнози. Треба да ја релаксираме администрацијата, каде што е јасно дека дијагнозата е непроменлива, а малку повеќе да го оневозможиме земањето боледување за спојување празници, за одење на годишен одмор кога сакаме да одиме“, изјави Клековски
И директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Златко Перински, кажа дека новиот Правилник би направил јасна разлика меѓу право кое мора да биде заштитено и злоупотреба која не смее да биде платена од парите на осигурениците.
„Правиме систем кој е поедноставен за оправданите случаи. Паралелно со воведувањето на редукцијата кај матичните лекари (од 7 на 5 дена) и засилените теренски контроли, да се направи дигитално олеснување и поедноставување на процесот за тешко болните и лицата со трајни состојби, за тие да не мораат физички да се малтретираат пред комисиите“, изјави Перински.
Како трајни, тешки и непроменливи дијагнози се сметаат медицински состојби кај кои е јасно дека нема можност да се подобри или да се врати првобитната функционалност. Тоа се онколошки заболувања во напредна фаза, тешки автоимуни и прогресивни болести (мултипна склероза, церебрална парализа, Паркинсова болест…), трајни анатомски и физички оштетувања (губење на екстремитети, трајна парализа…), бубрежна слабост, тешки кардиоваскуларни и респираторни оштетувања, трајно слепило и глувонемост, деменција и Алцхајмерова болест и други.


