„Сидни Свини, еве како изгледаат жените во спортот“ е одговорот кој стана тренд на социјалните мрежи со кој спортистки објавуваат видеа од тоа како изгледаат спортските тренинзи.
Американската актерка Сидни Свини се соочува со жестоки критики од олимпијки и други спортистки, кои ја обвинија дека го понижува и сексуализира женскиот спорт со тоа што се појавува во контроверзна реклама за компанија за спортско обложување. Брзо по објавувањето на рекламата за платформата Novig, во која Свини позира речиси целосно гола покриена со спортска опрема (топки, рекети и сл.), револтирани спортистки ширум светот започнаа да споделуваат свои видеа. Ѕвездата од „Еуфорија“ се најде во центарот на нов скандал откако неодамнешната реклама за апликација за спортско тргување предизвика огромни критики поради тоа што таа се појавува речиси целосно гола, а нејзиното тело е покриено само со разни спортски топки и униформи, пишува британскиот Гардијан. Рекламата е објавена на 9 септември, а Гардијан известува дека за првите два дена била прегледана повеќе од 22 милиони пати, што објаснува зошто реакциите толку брзо се проширија
Пензионираната австралиска олимписка пливачка Ариарн Титмус на Инстаграм напиша дека е револтирана и разбеснета од објавеното видео кое стана вирално.
„Ова не е само шлаканица во лицето за секоја жена која го посветила својот живот на усовршување на својот занает, туку и за секоја жена која ужива во спортот поради тоа што тој навистина претставува, тимска работа, пријателство, посветеност и единство. Како живееме во свет каде што монетизирањето на женското тело и сексуализацијата на женскиот спорт сѐ уште се сметаат за прифатливи?“, вели Титмус.
Пливачката Лани Палистер сподели видео од нејзините напорни тренинзи, трки и освоени медали со порака: „Не знам што мисли Сидни како изгледа спортот, но ЕВЕ како навистина изгледа спортот.“
Професионалната боксерка Скај Николсон истакна дека проблемот не е во тоа Сидни да изгледа привлечно, туку во правењето „потсмевалиште“ од спортистките: „Има голема разлика меѓу тоа да изгледаш секси затоа што се занимаваш со спорт и тоа да го користиш сексот за да продаваш ‘спорт’. Нема ништо лошо во тоа да изгледаш добро, ниту да ја прегрнеш својата женственост додека си врвна спортистка, но ова е нешто сосема друго.“
Додека многумина, вклучително и спортисти, продолжуваат да ја критикуваат за наводно сексуализирање на женскиот спорт, Сидни понуди индиректен одговор на контроверзата, споделувајќи слични фотосесии на кои се појавуваат познати спортисти меѓу кои Серена Вилијамс, Су Бирд и Меган Рапино, кои во минатото позирале разголени за познатото списание ESPN Body Issue, сугерирајќи дека ваквиот концепт на фотографирање во спортот постои одамна. Сепак, таа не се изјасни директно за ова прашање.
Дел од корисниците на социјалните мрежи изразија силно разочарување и револт, обвинувајќи ја кампањата дека директно го загрозува напредокот за кој жените во спортот се бореле со години. Меѓу нив, поранешни спортистки со сопствено искуство со негативни и сексуализирани коментари истакнаа дека ваквите реклами ги враќаат работите чекор назад, сведувајќи го женскиот труд, сила и спортски достигнувања единствено на нивниот физички изглед.


