Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја критикуваше неусогласеноста на Европската Унија во преговорите за завршување на војната во Украина и побара лидерите на земјите членки да се договорат кој ќе ја претставува Унијата на преговарачката маса.
Ова се наведува во нејзиното писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во кое Мелони предупреди дека низата состаноци во различни формати, без јасен договор за улогата на ЕУ, остава впечаток на несериозност и го нарушува кредибилитетот на европските напори.
Како примери ги наведе неодамнешните разговори во Мајами и Осло, како и состаноците одржани оваа недела во Брисел, на кои учествуваа претставници на Украина, САД, европските земји, НАТО и ЕУ. Таа го спомена и телефонскиот разговор на лидерите на Норвешка и Финска со рускиот претседател Владимир Путин.
Според неа, ваквиот пристап им оди во прилог на оние кои сакаат продолжување на војната. Затоа побара лидерите на ЕУ на состанокот во Даблин овој месец да разговараат за тоа кој ќе ја претставува Унијата и со какви овластувања, а конечната одлука да ја донесат на самитот во декември.
Таа нагласи дека со тоа не бара посебна улога за Италија или за себе.
Антонио Кошта во одговорот ја поддржа потребата од единствен и координиран настап на ЕУ, истакнувајќи дека интересите на Унијата треба да ги застапуваат нејзините институции. Тој најави дека ова прашање ќе го стави на дневен ред на следниот состанок на европските лидери.
Мелони уште на почетокот на годината предложи именување специјален пратеник на ЕУ за преговорите за Украина, но таа иницијатива не беше реализирана.
АФП потсетува дека европските земји подолго време се обидуваат да го зголемат своето влијание во дипломатските напори на САД за завршување на војната, додека Вашингтон во последните недели повторно ги интензивира преговарачките активности.
Американски претставници следната недела треба да се сретнат со претставници на Русија и Украина во Абу Даби.


