Обновата на Украина по војната – тема на состанок со САД и ЕУ

Објавено:

Претставници на Украина, Соединетите Американски Држави и неколку европски земји, денеска и утре во Брисел ќе разговараат за планот за повоена економска обнова на Украина и безбедносните гаранции за земјата.

Ова го соопшти шефот на украинската делегација Рустем Умеров, додавајќи дека средбата ќе се одржи во седиштето на Европската комисија.

Покрај украинските и американските, ќе учествуваат и претставници на Велика Британија, Франција, Германија, НАТО и Светската банка.

Украинската страна ќе ја претставуваат тимови од министерствата за економија, финансии и одбрана, како и претставници на кабинетот на претседателот на Украина.

Според Умеров, средбата е продолжение на разговорите што претходно се одржаа во Флорида и во Осло, а целта е разгледување на предлозите за повоена обнова, економски развој и долгорочна стабилност на Украина.

Умеров најави дека утре посебно внимание ќе биде посветено на безбедносните гаранции за Украина, за кои ќе се разговара со претставници на САД, Велика Британија, Франција, Германија и НАТО.

„Безбедноста, обновата и развојот мора да бидат делови од единствен план за Украина по војната“, порача Умеров.
Европската комисија претходно соопшти дека денеска во Брисел ќе се одржи средба на претставници на САД, Украина, НАТО и неколку земји членки на Европската Унија.