Европската комисија денеска ќе го објави пакетот за проширување, кој содржи политички препораки, насоки и анализи, како и извештаи за секоја земја со аспирации за членство во Европската Унија.
Комисијата ќе објави и посебни планови за четирите земји кои оствариле најголем напредок на европскиот пат – Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина.
Во нив би требало да бидат наведени конкретни рокови за затворање на преговарачките поглавја и можните датуми за влез во Европската Унија, како и следните чекори што Брисел ги очекува од земјите кандидатки.
Најголем напредок остварила Црна Гора, која досега затворила 21 преговарачко поглавје, додека преостануваат уште 12. Подгорица се надева дека ќе успее да ги затвори до крајот на годината, со цел во 2028 година да стане нова членка на Европската Унија.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Брисел предупреди дека не треба нужно да се очекува сите да се придржуваат до предвидениот рок за евентуалното членство на Црна Гора во 2028 година. Тој потсети дека досегашните процеси на проширување главно доцнеле и не завршувале во првично предвидените рокови.
На патот на Црна Гора кон членство важни се и отворените прашања со Хрватска. Првично ги имало осум, но откако Црна Гора неодамна решила две од нив, останале уште шест.
Хрватска притоа нагласува дека не станува збор за блокирање на црногорскиот европски пат, туку за суштински прашања поврзани со преговарачките поглавја, кои треба да бидат решени.
Пленковиќ порача дека Хрватска, по долгогодишниот период во кој отворените прашања не биле решавани, сега очекува од Црна Гора јасна политичка волја за нивно надминување.
За разлика од некои други земји кандидатки, Србија годинава нема свој претставник на собирот во Брисел. Европскиот пат на Србија е во застој веќе со години, а во Брисел се надеваат дека промената на власта би можела да донесе напредок.


