Славески: Не мислев на македонските медиуми кога реков дека ја урнале „Алта банка“

Објавено:

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, им се извини на новинарите доколку неговата изјава дека медиумите ја урнале „Алта банка“ била сфатена како критика кон македонските медиуми. Тој појасни дека коментарот се однесувал на медиумските објави во Србија.

Во објава на социјалната мрежа Х, Славески реагираше по критиките во јавноста што следуваа по неговото гостување во емисијата „Топ тема“ на Телма, во кое рече дека медиумите ја урнале „Алта банка“.

„Особено ми паѓа тешко доколку мојата изјава е разбрана поинаку од новинари и припадници на новинарската фела чија работа исклучително ја почитувам и чии текстови редовно ги читам. Доколку со мојата формулација, макар и ненамерно, сум навредил некого од новинарската фела, искрено се извинувам. Тоа во никој случај не беше мојата намера“, напиша Славески.

Гувернерот објасни дека мислел на шпекулациите и непроверените информации што се ширеле во српскиот медиумски простор неколку дена пред Народната банка на Србија да ѝ ја одземе дозволата за работа на банката.

„До мене допираат информации дека наводно сум вперил прст кон домашните медиуми. Сакам да појаснам дека во тој дел од емисијата зборував за случувањата поврзани со Алта банка во Србија и за објавите во тамошните медиуми во врска со одливот на средства од банката“, напиша Славески.

Во контекст на случувањата во Македонија, Славески смета дека прес-конференциите на СДСМ придонеле за создавање недоверба и дополнителен притисок.

„Сметам дека прес-конференциите на СДСМ придонесоа за создавање недоверба и дополнителен притисок, во контекст на кој беше воведена и заштитната мерка за ограничување на исплатите на 10.000 денари неделно“, наведе македонскиот гувернер.

Народната банка на Македонија воведе привремена управа во „Алта банка“ Битола и ограничувања на исплати за граѓаните на 10.000 денари неделно, откако претходно Извршниот одбор на Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта банка“ Србија.

На овие случувања со Алта банка во Србија, а потоа и во Македонија, им претходеа информации изнесени во српската јавноста дека по поразот на Александар Вучиќ и СНС на парламентарните избори на 25 октомври, се изнесуваат огромни суми на пари од оваа банка во Белград кон сметки на лица и фирми во Скопје и Москва.