По Груби и Перпарим Бајрами излегува од Шутка со милионска гаранција

Објавено:

Поранешниот функционер Перпарим Бајрами ја напушта затворската ќелија во Шуто Оризари откако Кривичниот суд му го укина ефективниот притвор и ја прифати понудената гаранција во недвижен имот вредна над 1,14 милиони евра.

Бајрами, кој 19 месеци беше во бегство од правосудните органи и за кого беше распишана меѓународна потерница, па потоа сам се предаде на граничниот премин Блаце, сега ќе се брани од слобода со определени мерки на претпазливост: одземање на патната исправа, забрана за издавање нова исправа за преминување на државната граница и редовно јавување во судот.

Инаку мерката притвор му беше одредена поради опасност од бегство и влијание врз сведоци, но по обезбедувањето на милионскиот имот како гаранција дека нема повторно да избега, Кривичниот совет одлучи тој да излезе од затвор. Неговиот притвор требаше да истече на 8 ноември, односно за пет дена.

Бајрами, на 18 септември седна на обвинителна клупа во скопскиот Основен кривичен суд и се изјасни дека не се чувствува за виновен за кривичното дело злоупотреба на службената положба.

Во предметот „Државна лотарија“, Бајрами е обвинет заедно со поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште шест лица за злоупотреба на службената положба и овластување. Случајот се однесува на набавката на видеолотариски терминали, за која Обвинителството тврди дека била предизвикана штета на Државна лотарија од околу 9,7 милиони евра.

Минатиот месец и Артан Груби, излезе од куќен притвор откако му истече максимално предвидениот законски рок за оваа мерка.

Со истрагата за проневерите во Државна лотарија, што беше отворена во декември 2024, Бајрами и Груби беа единствени осомничени. Тогаш обвинителството соопшти дека тие се сомничат за кривично дело „проневера во служба“.

Меѓутоа, со поднесување на обвинението, делото се смени во „злоупотреба на службената положба и овластувања“, за кое се товарат и останатите обвинети кон кои се прошири истрагата.

Проневера во служба е „потешко дело“ со оглед дека запретената затворска казна е од најмалку четири години. Злоупотреба на службената положба и овластувања, пак, е полесно и за него се предвидува максимална казна од 5 години. Ова е поради „контроверзните“ измени што беа направени во септември 2023 со кои беа намалени казните поради што застареа десетици кривични предмети.

Објаснувањето кое го дадоа од ОЈО за промената на кривичното дело е дека истрагата довела до докази за друго дело.

Построги казни за злоупотреба на службената положба и овластувања од тие што беа воведени со измените од септември 2023, беа воведени со нови измени во јануари 2026. Меѓутоа, на обвинетите во Државна лотарија ќе им се суди по „поблагата“ варијанта бидејќи така налагаат правилата – да важи поповолниот закон за обвинетиот со оглед дека тој бил на сила кога е сторено делото.