Реакција на УГД Штип по полициската акција на универзитетот

Објавено:

Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во врска со денешните полициски дејствија и истрагата поврзана со сомнежи за злоупотреба на електронскиот систем за оценки од страна на вработено лице на Универзитетот, информира дека УГД овозможува целосна, неограничена соработка со МВР и надлежното обвинителство за брзо и целосно расчистување на случајот.

„УГД има нулта толеранција за корупцијата и злоупотребата во академската заедница и сметаме дека ваквите и слични случаи се во насока да се обезбеди подобро, поквалитетно и пообјективно студирање. УГД останува посветен на темелните академски вредности, на чесност и вистинитост, и останува проактивен во насока на сузбивање на девијантните појави“, велат од Универзитетот.

Како јавна високообразовна институција, додаваат од таму, ја уверуваме јавноста дека остануваме посветени на транспарентноста, отвореноста и институционалниот интегритет.

„УГД нема да дозволи каков било сомнеж да ги наруши трудот и вредноста на дипломите на илјадниците чесни студенти и вработени. УГД има нулта толеранција за каков било облик на корупција или злоупотреба на службената положба. Институционалниот интегритет и довербата на нашите студенти се пред сè“, велат од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Соопштението доаѓа по информациите дека во УГД Штип во тек е истрага за вработен на Универзитетот за сомнителни манипулации со оценки.

Полициски службеници вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во врска со сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од страна на раководител на информатички сектор при Универзитетот во Штип.