Една од поинтересните карактеристики на американскиот образовен систем е што секоја сојузна држава во САД го регулира образованието на својата територија и ги одредува критериумите за матурирање. Федерализмот дозволува образовна разновидност.
Најчесто во средните училишта, предметите се нудат на најмалку две нивоа—основно и напредно. Второто им овозможува на поталентираните ученици материјалот да го следат со побрзо темпо, а и да се здобијат со повеќе знаење, во споредба со нивните врсници.
Неизбежна појава за секој амбициозен американски средношколец што сака студиите да ги продолжи на престижен универзитет е полагањето на т.н. „AP“ испити. Испитната програма за овие испити ги одредува непрофитната организација College Board, а училиштата спроведуваат едногодишна настава која ги подготвува ученици за овие испити.
Кратенката „АР“ значи „Advanced Placement“, што во буквален превод на македонски јазик значи „напреден пласман“, бидејќи добра оценка на овие испити честопати служи како замена за предмет на факултетско ниво, односно им носи факултетски кредити на учениците уште во текот на нивното средно образование.
Испитиве се познати како прилично тешки и предизвикувачки. Се оценуваат на скала од 1 до 5 каде 3 е преодна оценка. Највисоката оценка (5) носи факултетски кредити.
Инфлација на оценки?
Во изминатиот период мојот професор Пол Питерсон објави истражување за овие испити, водејќи се од премисата дека истите долги години им служат на факултетите како објективно и квалитетно мерило колку еден ученик е подготвен за високо образование.
Во периодот од 2021 до 2025 година, стапката на положување (3 или повисока оценка) пораснала од 52 на 71 проценти, а процентот на ученици кои ја добиле највисоката оценка се зголемик за околу 60 проценти, односно од 10% од сите ученици на 16% од сите ученици.
На што се должи ваквиот енормен пораст за само четири гродини? Имено, организацијата одлучила да го смени начинот на бодување на испитите и тоа особено за најпопуларните испити, како Англиски јазик и Книжевност, Американска и Светска историја, Психологија и Биологија.
Претходно комисија од универзитетски професори и наставници од средното образование одлучувала како оценките ќе бидат дистрибуирани, односно колкав удел од учениците ќе добијат поединечна оценка.
Новата методологија не се потпира на внимателно избрана комисија составена од неколку члена и резултатот е очигледен. Тестовите станаа полесни без да се смени тежината на прашањата, туку преку интервенција во оценувањето на истите.
Зошто е ова важно за Македонија?
Македонскиот образовен систем е многу поразличен од американскиот. Како унитарна држава ние го следиме моделот на скоро сите европски земји каде централното министерство за просвета игра значајна, ако не и клучна, улога во определувањето на наставните програми, моделот на образование и матурата.
Во Македонија учениците горе-долу следат иста настава и немаат право да слушаат предмети на основно или на напредно ниво. Државната матура е предуслов за запишување на факултет и структурално не се разликува од еден до друг кандидат.
Зошто нас би нè интересирала инфлацијата на оценки во САД? Дали се сеќавате на случајот со приемниот испит во скопската гимназија „Орце Николов“ која важи за едно од најквалитетните училишта во земјава?
Пред четири години, кога бев претседател на Сојузот на средношколци, 292 кандидати кои имале само „петки“ низ целото свое основно образование конкурираа за упис во оваа гимназија. Бидејќи бројот на пријавени го надмина бројот на слободни места, училиштето организираше приемен испит. Само 11 ученици добија 5 на овој тест. Најголемиот дел доби 3.
Учениците полагаа Македонски јазик и Математика, т.е. предмети што се сметаат за рудиментарната основа на сечија писменост. Максималниот број на бодови е беше 170, а најмалку 129, значи 76% беа потребни за петка. За споредба, вообичаено ниската граница за највисоката оценка во Америка е нешто повеќе од 90%.
Фијаското што оваа епизода ни го откри е дека петките, барем тие од основното образование, не вредат ништо. Замислите: „скроз“ одлични ученици не познаваат ни три четвртини од програмскиот материјал по Македонски јазик и Математика. А нивните свидетелства треба да докажат дека тие се академски беспрекорни.
Приемниот испит ни даде реална слика за состојба во нашето образование.
Зошто тоа се случува?
Притисокот сите да бидат одлични, односно да имаат што повеќе петки, е резултат на две поврзани појави. Од една страна, моделот на упис во средното образование и понатаму во високото образование се темели исклучиво на оценките на ученикот и истите ги претвора во ранг-листа, што знае да биде дотолку безмилосна да една пониска оценка му ги уништи шансите на ученикот да влезе во посакуваното училиште. Само тие со просек 5.00 полагаа приемен во Орце.
Од друга страна, значаен дел од родителите не ја поимаат оценката како мерило колку знае нивното дете, туку како појдовна точка за преговори со наставниците, особено ако оценката е пониска од петка. Врз наставници се врши огромен притисок пониските оценки да ги менуваат во петки, а неретко и други роднини, пријатели, локални и партиски моќници се вклучуваат во лобирањето.
Значи, притисокот за сите петки произлегува ем од моделот на упис во понатамошното ниво на образование ем од однесувањето на чинителите во образовниот систем: наставници тешко може да им веруваат на родителите ако тие не гледаат никаква грешка, мана или пропуст во своето дете, а родителите пак скептично гледаат кон наставниците ако се верува дека врските или корупцијата резултираат со повисока оценка за некои ученици.
Можни решенија
Внимателно треба да се обмисли можна реформа на начинот на бодирање при упишување и кои критериуми се вреднуваат во истиот. На пример, неформалното образование и волонтирањето не играат никаква улога моментално, иако се мошне важни за развојот на учениците.
Забранувањето на менувањето оценки на наставничките совети е добар придонес и појдовна точка за демонтирање на климата и очекувањата дека сите заслужуваат петка по секој предмет во секое време и по која било цена.
Трето, сериозно треба да се размисли за проширување на скалата на оценки, која се покажува дека е претесна за моменталните потреби на системот. Никаква диференцијација на знаењето на учениците не е присутна ако сите имаат петки и по некоја четворка.
Потребно е да создадеме услови за поголема градација на успехот на секој ученик. Зошто не оценуваме на скала од 1 до 7 или од 1 до 9?
Кога Англија се соочуваше со инфлација на оценките во 2018, образовните власти таму ја проширија скалата за 3 нови оценки. Знаеме дека проблемите со кои се соочуваме ги делиме со други земји. Тогаш треба и да научиме нешто од нив.
Редакцијата на Колегиум.мк не секогаш се сложува со ставовите изнесени во колумните. Изнесените ставови на авторот не ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот. Но, остава простор тие да бидат достапни до јавноста како право на мислење и став. Оваа колумна е став на авторот Лука Павиќевиќ.


