Министерството за здравство проверува сомнежи за можни злоупотреби на листите за чекање операции, на кои има и пациенти кои во меѓувреме починале. Се прават анализи што не може јавно да се споделат бидејќи не се доволно документирани, кажа министерот за здравство Азир Алиу на брифинг со новинарите.
„За листа на чекање – сѐ уште сме во фаза на анализа. Имаме сознанија од пациенти, граѓани, но не можам ништо да кажам јавно бидејќи тоа не ни е доволно. Има примери кога пациент, кој треба да се оперира, се враќа назад бидејќи крвната слика не е доволно добра за да може да се оперира. Пациентот прави крвна слика во друга лабораторија, излегува дека сѐ е во ред, но мора да ги анализираме и да работиме да го детектираме таквиот тип на можни злоупотреби, како тие со листите на чекање“, рече Алиу.
Тој кажа дека „чистењето“ на листите треба да го направат вработени во Министерството за здравство заедно со здравствените институции, и листите да се ажурираат рачно, во секоја здравствена институција посебно.
Во февруари годинава, Министерството за здравство промовираше нов јавен портал, Operacii.zdravstvo.gov.mk, за електронска евиденција на елективни хируршки интервенции, со кој се овозможува јавен увид во листите на чекање во здравствените установи. Целта е да се воспостави ред и транспарентен протокол за водење евиденција, со цел пациентите да ја добиваат услугата по принципот „прв дојден, прв услужен“. Новиот портал им овозможува на корисниците да пребаруваат податоци по специјалност на лекар, хируршка интервенција, јавна здравствена установа и број на пациенти кои чекаат.
Во врска со појавата пациенти да се пренасочуваат од јавно во приватно здравство, Алиу рече дека станува збор за проблем што треба да се решава административно. Тој потсети дека веќе е воведена јавна достапност на листите на чекање и системот за идентификација со отпечаток од прст, а следниот чекор ќе биде анализа за тоа колку пациенти од јавните здравствени установи завршуваат во приватниот сектор.
Сепак, министерот нагласи дека е рано да се зборува за конкретни резултати од овие анализи и дека засега не може да изнесува заклучоци за евентуални злоупотреби.


