Најмалку десет проценти од станбената површина во новите станбени објекти ќе треба да биде наменета за млади брачни двојки до 35-годишна возраст, кои ќе може да ја купат по цена најмалку 20 отсто пониска од просечната цена на становите во соодветната катастарска општина во претходната календарска година. Ова го предвидува законското решение на кое работат Владата и Министерството за транспорт, а кое набргу треба да биде доставено до Собранието – најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Мерката е дел од пакетот за олеснување на решавањето на станбеното прашање на младите брачни двојки, промовиран на годишната конференција на Унијата на младте сили на ВМРО – ДПМНЕ.
- „Секоја градежна компанија која во иднина ќе гради објекти за домување мора однапред да определи најмалку десет проценти од станбената површина за домување, која потоа ќе биде понудена на млади брачни парови до 35-годишна возраст по цена што ќе биде минимум 20 проценти пониска од цената што се нуди за таа катастарска општина, а која била актуелна претходната година“, изјави Мицкоски по одбележувањето 80 години од постоењето на ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
Тој појасни дека врз основа на склучените купопродажни договори, точно ќе се одреди просечната цена на станбените единици во конкретната катастарска општина во претходната календарска година, при што становите наменети за младите брачни парови до 35-годишна возраст ќе бидат понудени со попуст од најмалку 20 проценти.
- Втората мерка се однесува на младите брачни двојки до 35 години, кои ќе сакаат да изградат куќа. Според најавата, општините нема да може да им наплатуваат комуналии, а и за оваа мерка ќе биде предложено законско решение.
Премиерот нагласи дека очекува поддршка од сите пратеници за законските измени.
Во однос на можните злоупотреби при утврдувањето на цените на становите, Мицкоски рече дека дополнителни прецизирања ќе има во законот и во подзаконските акти. Според него, споредувањето со просечната цена врз основа на реалните купопродажни договори треба да оневозможи вештачко зголемување на цената на квадратот.
Тој додаде дека за становите наменети за младите брачни парови ќе има утврден горен праг на цената, а кај другите станбени единици цените ќе продолжи да ги диктира пазарот.
- На дополнително прашање дали мерките ќе важат и за веќе изградените станбени објекти, Мицкоски одговори дека законот нема да има ретроактивно дејство.
Досега, во Македонија различни влади имаа различни мерки за помош при решавање на станбеното прашање на младите. Од 2012 до 2022 година се спроведуваше мерката „Купи куќа, купи стан“. Државата субвенционираше дел од станбениот кредит преку два модели – покривање дел од учеството за кредитот или плаќање дел од месечната рата. Од 2016 се спроведуваше проект „Купи куќа за млади“, а од минатата година беше олеснето учеството за купување прв стан, односно минималното учество за станбен кредот се намали на 10 отсто.
Цените на становите во поатрактивните општини во Скопје достигнаа и по околу 3.000 евра за квадратен метар.


