Пожар во болница во Берлин: 15 повредени, пациент осомничен за подметнување на пожарот

Објавено:

Полицијата истражува сомнеж за намерно предизвикување пожар, откако пациент синоќа, наводно, го запалил својот болнички кревет во болница во Берлин. Во инцидентот се повредени 15 лица.

Истражителите веруваат дека пациентот го запалил креветот во соба на првиот кат од болничката зграда во источниот берлински кварт Лихтенберг, изјави портпаролот на полицијата.

Пожарникарите го изгаснале пожарот, но чадот се проширил и во другите делови на зградата, поради што дел од болницата морал да биде евакуиран.

Медицинска сестра и пациентот осомничен за подметнување на пожарот добиле медицинска помош поради вдишување чад.

Медицинската сестра по амбулантскиот третман била пуштена дома, додека пациентот бил задржан во болницата.

Полицијата спроведува истрага за утврдување на сите околности под кои избувнал пожарот.