Поради Алта банка „распад на системот“ во РК Партизан: Си замина Раул Гонзалез

Објавено:

Шпанецот Раул Гонзалез си заминува од ракометниот клуб (РК) Партизан во Србија.

Ова доаѓа откако клубот остана без Управен одбор, а се започна со блокадата на банкарските сметки на клубот во Алта банка Белград.

„Шпанскиот стручњак Раул Гонзалез повеќе не е тренер на Партизан. По денешниот состанок на Управниот одбор и оставката на претседателот Миљан Жугиќ, беа одржани состаноци со тренерскиот штаб и играчите, на кои се разговараше за претстојниот период до формирањето на новиот Управен одбор“, соопштија од РК Партизан.

Гозалез имаше договор до 2028, а неговото заминување доаѓа по неполни три месеци во српскиот клуб. Тој, исто така, е селектор и на машката репрезентација на Србија, но засега нема информации дали ќе замине и од оваа позиција.

Гонзалез ѝ е познат на македонската јавност бидејќи беше тренер на РК Вардар со кого стана првак во Европа освојувајќи ја титула во Лигата на шампиони, а извесен период беше и селектор на македонската ракометна репрезентација.

Покрај него, клубот го напушта и ракометарот Милош Кос, за кого српските медиуми пишуваат дека се враќа во германската Бундеслига.

Распадот на системот во РК Партизан започна со оставка на претседателот на Управниот одбор, Миљан Жугиќ.

Неговата оставка значеше и автоматско распуштање на целиот Управен одбор.

„Жугиќ истакна дека донел таква одлука поради неможноста за финансирање со новосоздадената ситуација со блокадата на банката и дека таквата одлука ја гледа како единствена правилна и одговорна кон клубот на чие чело е од 2023 година. Собранието на РК Партизан има рок од 30 дена да свика седница на која ќе бидат назначени новиот претседател и членовите на Управниот одбор“, соопштија од РК Партизан.

Иако наведоа дека ова нема да влијае на амбициите на клубот да ги освои сите можни трофеи во домашното првенство и да постигне добар резултат во Лигата на Европа, набргу потоа дојде оставката и од Раул Гонзалез.

Алта банка во Србија заминува во стечај по одлука на Народната банка откако излегоа информации дека по падот на власта на Александар Вучиќ се изнесуваат милионски суми од сметките во оваа банка. Сопственик беше контроверзниот бизнисмен Давор Мацура, кој набргу беше уапсен и во моментов се наоѓа во притвор. Тој, како што пишуваа српските медиуми изминативе години, важеше за близок до Вучиќ.

Алта банка влезе и на македонскиот пазар кога во септември 2025 ја презеде Стопанска банка АД Битола.

Во Македонија банката е под привремена управа на Народната банка, за корисниците има рестрикции во однос на сумата пари што може да ја подигнат од сметките, а финансиските и политичките власти најавуваат дека има заинтересирани банки што сакаат да ја купат Алта банка АД Битола.

Течат рокови во кои алта банка битола треба да биде ставена на продажба. Доколку не се најде купец, како што најави и премиерот Христијан Мицкоски, второто сценарио е стечај иако тој ветува дека ниту еден граѓанин или компанија нема да бидат оштетени и ќе си ги добијат парите назад.