Народната банка ќе продолжи со постепено олеснување на условите за располагање со средствата на клиентите на Алта банка Битола, додека гувернерот Трајко Славески, на попладневната прес-конференција најави три нови мерки со кои ќе им се овозможи полесен пристап до парите и користење на банкарските услуги.
Во меѓувреме, како што рече гувернерот, Народната банка е проактивна кога се работи за контактите со потенцијални инвеститори за Алта, вкупно шест до сега заинтересирани.
Три олеснувања за клиентите
„Од понеделник, 9 ноември, ќе бидат отворени шалтери и во Тетово и Струмица, каде граѓаните кои немаат платежни картички ќе можат да подигнат до 20.000 денари, без да мора да патуваат до Битола. За жителите на Прилеп, Ресен и Охрид ќе биде организиран автобуски превоз до филијалата на Алта банка во Битола, за да можат да ги подигнат пензиите и социјалната помош“, рече Славески, во објаснувањето на првото олеснување за клиентите на Алта банка Битола.
Второто олеснување се однесува на зголемувањето на неделниот лимит за подигање готовина и плаќање на продажни места со платежните картички на банката. Од следната недела тој ќе биде зголемен од 10.000 на 15.000 денари. Третото олеснување, според Гувернерот, се однесува на сите идни приливи од плати, пензии и социјални трансфери кои доаѓаат од институции или компании што имаат сметки во други банки. Овие граѓани ќе можат да ги повлечат средствата во целост, повторувам, во целост, без ограничување на износот. Со тоа, клиентите на Банката нема да имаат потреба да отвораат платежна сметка во друга банка“ рече Славески.
Славески информираше дека исплатите на клиентите се одвиваат според утврдениот распоред. Исплатата на средствата за граѓаните без платежни картички започнала претходниот ден и продолжува во наредните денови, додека исплатата на социјалната помош започнала денеска. Филијалата во Битола работи во две смени, а ќе биде отворена и во сабота, на 7 ноември.
Гувернерот нагласи дека Алта банка продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Привремената администрација е мерка што се применува до промена на сопственоста. Тој оцени дека состојбата во банката е добра, дека таа е ликвидна и високо капитализирана и дека има солиден квалитет на кредитното портфолио.
Според него, средствата на клиентите остануваат на нивните сметки, а привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со нив. Тие се воведени за да се зачува ликвидноста на банката и да се заштитат интересите на штедачите.
Продажба или стечај?
„Народната банка континуирано ја следи состојбата и ги приспособува мерките во согласност со нејзиниот развој. Приоритет останува уредното опслужување на граѓаните и заштитата на интересите на клиентите, а од институцијата ги повикуваат граѓаните да ги следат информациите објавени преку нејзините официјални канали“, рече Славески.
Гувернерот, на прашање на Колегиум.мк, која е најдобрата опција за банката – продажба или стечај во моментов, гувернерот рече дека се работи за „здрава банка“ за која има заинтересирани потенцијални купувачи“, но додаде и дека и „Народна банка е проактивна во случајот, но сепак не може да зборува во име на заинтересираните инвеститори“.
„Според мене најреално сценарио, ние бараме купувач за банката, некои сами се јавуваат и сме проактивни. Ќе видиме кои се интересите, затоа што станува збор за банка која е стабилна и има голем потенцијал за развој и е регионален лидер, но не можеме да зборуваме во името на инвеститорите. Има 6 заинтересирани, две странки се домашни“, рече гувернерот и откри дека денеска бил на средба со заинтересираните домашни банки.
Овие две сценарија вчера ги најави премиерот Христијан Мицкоски. „Можни се две сценарија: прво да се обезбеди купец, што ќе биде многу тешко. Зошто? Гледате што прават опозицијата, држат прес-конференции пред Народната банка и ги одвраќаат потенцијалните можни купци кои ќе ја консолидираат банката. И второто сценарио е ако нема купец банката да влезе во стечај. Што значи тоа? Дека ќе ја изгуби лиценцата за работа“, изјави премиерот.
Со Алта банка АД Битола во моментов управува Народна банка, која најави дека ако српските сопственици на аквизицијата во Македонија не ја понудат на продажба, тоа ќе го направи самата Народна банка. Подигањето пари во моментов е ограничено. Тоа ќе биде на сила се до евентуална продажба на банката, до најмногу три месеци, според македонските закони.
Гувернерот не сакаше да ги открие имињата на потенцијалните инвеститори. Алта банка во Србија, во чија сопственост фигурира контроверзниот бизнисмен Давор Мацура, важеше за блиска до власта на Александар Вучиќ. Тој ги изгуби изборите на 25 октомври, по што во јавноста излегоа информации за изнесување пари од сметките во оваа банка кон странство. Во Македонија, пак, Алта банка влезе во септември 2025 година, купувајќи ја Стопанска банка АД Битола.
Во меѓувреме остануваат неодговорени прашања за тоа колку институции имаат сметки во Алта Банка Битола, и што се случува со државните пари, како и кога ќе можат фирмите да пристапат до своите пари, кои сега им се „заробени“ затоа што не работат филијалите ниту пак постои електронско банкарство.


