Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) на Србија одлучи да покрене истражни постапки по поднесени пријави против телевизиските станици Информер, Курир, Б92 и К1 поради потенцијални прекршувања на законот.
Против телевизијата Информер е покрената истражна постапка за 26 пријави за кршење на изборниот молк, два за пријави за изјави од гости и еден за прикриена изборна програма.
Против телевизиите Курир и К1 се покренати постапки за изјави на гости, а против Б92 за емитување политичка реклама за време на централните вести.
Претставниците на телевизиите против кои е покрената истражна постапка ќе бидат поканети на следната или првата наредна седница на Советот на РЕМ, кога ќе се дискутира за прекршоци и евентуално изрекување казни.
На денешната седница не беа усвоени извештаите против поединечни гостувања на телевизиите Информер (два прилози), К1 (еден прилог) и Н1 (еден прилог).
Кога станува збор за жалбите против телевизиски станици со прекугранично емитување, меѓу кои и N1, членовите на Советот се согласија дека тоа не е во нивна надлежност, туку дека за секоја жалба треба да се испрати писмо до надлежниот регулатор во земјата во која се регистрирани медиумите.
Членовите на Советот, исто така, оценија дека РЕМ треба да заземе единствен став за тоа дали употребата на зборот „блокатор“ е прекршување на Законот за електронски медиуми, бидејќи постојат сосема спротивни толкувања, како и голем број жалби з аовој термин. .
Следната седница на Советот на REM ќе се одржи во вторник.
По предвремените парламентарни избори во Србија на 25 октомври, повеќе граѓански организации и медиумски здруженија во Србија поднесоа иницијатива до Регулаторното тело за електронски медиуми за одземање на лиценцата за емитување на ТВ Информер. Иницијативата следуваше по упадот во просториите на телевизијата и дневниот весник „Информер“, кој со години се посочува како еден од главните сојузници на поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ. Демонстранти упаднаа во зградата за време на програма во живо, барајќи одговорност за уредувачката политика.
„Иницијативата е одговор на повеќегодишното и систематско кршење на законите и програмските обврски што РЕМ досега не ги санкционираше“, соопшти тогаш Независното здружение на новинари на Србија.
Студентската листа победи на предвремените парламентарни избори во Србија и го собори Александар Вучиќ по 14 години негова власт во Србија. Реформирањето на медиумската сцена во Србија и ослободувањето на јавниот сервис од политичка контрола беа дел од предизборната програма на Студентската листа.


