Ден по изборите во Србија: Упад во „Информер“, протести пред „Пинк“ и оро пред РТС

Објавено:

Група поддржувачи на победничката иницијатива „Студентската листа“ на 26 октомври организираа протест во Белград, кој ескалираше со насилен упад во просториите на телевизијата и дневниот весник „Информер“. Демонстрантите, меѓу кои беа и членови на семејства на жртви од несреќата во Нови Сад, упаднаа во зградата за време на програма во живо, барајќи одговорност за уредувачката политика. Главниот уредник Драган Ј. Вучиќeвиќ и новинарите беа соочени со вербални закани, а инвентарот во просториите беше оштетен.Упадот доаѓа еден ден по победата на Студентската листа на парламентарните избори во Србија.

Дел од присутните барале главниот уредник Драган Ј. Вучиќевиќ јавно да им се извини на граѓаните за изјавите во програмата. Според објавените видеа, се гледа како граѓаните бараат објаснување од Вучиќевиќ зошто медиумот објавувал одредени содржини во кои нив како демонстранти ги нарекувал „усташи“ и со други навредливи изрази, нешто што тој го негираше. Српските медиуми јавуваат дека полицијата доцна интервенирала при што успешно ги евакуирала вработените. Но,надвор дошло до физички судири меѓу толпата демонстранти и полициските сили кои беа гаѓани со камења и пиротехнички средства.

Протест и пред телевизија „Пинк“

Подоцна група граѓани се собрала пред телевизијата „Пинк“, каде што дел од присутните ја гаѓале зградата со јајца. Според известувањето на репортер на „Данас“, полицијата поставила кордон пред влезот. Присутните пред „Пинк“ ја пеат песната „Излези мала“. Според видеата споделувани на социјалната платформа Х порано позната како Твитер, полициски кордон се уште ја чува телевизијата од демонстрантите.

Оставка на главниот уредник и извинување од Радио-телевизија Војводина, оро пред РТС

Дневникот на Радио-телевизија Војводина кој се емитуваше во 17 часот почна со извинување кое водителот Горан Ерор го упати до гледачите поради долгогодишните пропусти во известувањето на јавниот радиодифузен сервис.

„Јавниот сервис со години не ја исполнуваше својата функција. Се премолчуваше, се затвораше едно око, се известуваше еднострано и некритички, а вистинските прашања не се поставуваа или воопшто ги немаше. Поради тоа, им должиме извинување на гледачите. Дел од новинарите и уредниците во оваа куќа работеа слободно и во согласност со етичките принципи. За жал, битката не ја добивме навреме, но најважно е да продолжиме“, рече Ерор во своето обраќање.

Поради случувањата, главниот уредник Ненад Ќаќиќ поднесе оставка, и веднаш по објавувањето на веста, вработените заиграа оро во телевизиската куќа. Видеото од орото беше споделено на социјалните мрежи. Неколку десетици граѓани вечерва се собраа пред зградата на Радио-телевизија Србија (РТС) во Белград каде граѓаните играат оро пред зградата на јавниот сервис.

Овие неколку инциденти предизвикаа остри реакции во српската јавност. Поранешниот претседател и лидер на СНС Александар Вучиќ го осуди упадот во телевизијата „Информер“ како „монструозно насилство без преседан“ и напад врз слободата на изразување, критикувајќи го изостанокот на реакција од меѓународните институции и европските структури.

Од друга страна, дел од јавноста и самите поддржувачи на протестите изразија загриженост дека насилните методи можат да ја компромитираат порано остварената победа на изборите. Паралелно со овие случувања, студентското движење повика на прослави на Славија и на плоштадите низ Србија, порачувајќи дека нема место за судири и насилство и дека одговорноста треба да се утврдува пред законот.