Француската полиција открила 68 килограми кокаин во камион управуван од македонски државјанин

Објавено:

Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека по дојава од македонската полиција, во Франција се запленети 68 килограми кокаин, пронајдени во товарно моторно возило управувано од македонски државјанин М.Ф. (44).

Заплената се случила на француската наплатна станица „Фонтен“.

„Заплената е резултат на оперативни информации обезбедени од Одделот за криминалистичка полиција, односно Единицата за недозволена трговија со дрога, кои преку Секторот за меѓународна полициска соработка и Европол биле доставени до надлежните француски органи“, соопштија од МВР.

Ова, велат од Министерството, е втора успешна меѓународна акција во период од еден месец, по претходната соработка со грчката полиција, која резултираше со заплена на 324 килограми марихуана.