Министрите за одбрана на Франција, Германија, Италија, Полска и Обединетото Кралство денеска ќе се состанат во Париз за да разговараат за Украина, европската одбрана и конфликтот на Блискиот Исток.
Во центарот на разговорите ќе биде натамошната европска воена помош за Украина, соопшти француското Министерство за одбрана.
На дел од состанокот на групата Е5, која ја сочинуваат петте големи европски сили, ќе присуствуваат и претставници на НАТО и Европската Унија, додека се очекува украинскиот министер за одбрана да учествува преку видеоврска.
Покрај актуелната воена состојба во Украина, министрите ќе разговараат и за долгорочната поддршка за земјата, која продолжува да се брани од руската инвазија.
На претходната средба во Берлин во јуни, петте земји ветија дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина, настојувајќи да ѝ испратат јасна порака на Москва дека Европа и понатаму цврсто стои зад Киев.
Министрите ќе ги разгледаат и можностите за зајакнување на европската улога во рамките на НАТО.
На јунскиот состанок земјите од групата Е5 се договорија за зајакнување на европскиот столб на Алијансата, при што зголемувањето на издвојувањата за одбраната треба да ги постави темелите за поурамнотежено трансатлантско партнерство.


