Сиљановска Давкова, Муцунски и Филипче им честитаа на студентите во Србија

Објавено:

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, им честиташе на студентите за победата на предвремените парламентарни избори во Србија.

„Честитки за исходот од изборите во Србија! Српските граѓани покажаа демократска зрелост преку мирен пренос на политичката моќ“, гласи честитката од Сиљановска Давкова објавена на мрежата Икс.

Премиерот Христијан Мицкоски сè уште не се огласи за изборниот резултат од резултатите во Србија. Но, со честитка се јави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

„Искрени честитки до граѓаните на Србија за успешно спроведените парламентарни избори, а особено до победниците за постигнатиот изборен успех! На претставниците на Студентската листа им посакуваме многу успех во преземањето на одговорноста и исполнувањето на очекувањата на граѓаните. Македонија останува цврсто посветена на натамошното продлабочување на нашето пријателство и добрососедските односи, во интерес на заедничката ЕУ иднина и просперитетот на целиот регион“, напиша шефот на дипломатијата.

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кој даде поддршка за студентите уште пред изборите, упати честитка преку социјалните мрежи.

„Честитки до граѓаните на Србија за големата, историска победа! Како што најавивме, следува ослободување од криминалните структури на власта. Падна Орбан. Падна Вучиќ. Сите знаеме кој е следен. Очекувам Србија и Македонија да градат најдобри можни односи, засновани на меѓусебно почитување и соработка. На граѓаните на Македонија им порачувам дека нè чека борба, ни малку лесна, затоа што се бориме против остатокот од оваа криминална балканска група“, вели Филипче.

На изборите во Србија, според резултатите, студентите со нивната листа „Студентите победуваат“ освоија 52,65% од гласовите или повеќе од 2,2 милиони гласа. Листата на Српската напредна странка (СНС) предводена од поранешниот претседател Александар Вучиќ има 39,22% или 1,67 милиони гласа. Тие се единствените од националната листа што влегуваат во новиот парламентарен состав во Србија.

Според проекциите, во 250 члениот парламент, претставниците на студените би зеле околу 140 пратенички места, листата на Вучиќ околу 105, а останатите ќе бидат од малцинските листи.