Околу половина милион гласови предност и убедливо парламентарно мнозинство. Ова е исходот за Студентската листа според првичните проценки објавени во изборната ноќ во Србија, на кои главната политичка битка се водеше меѓу Српската напредна странка на поранешниот српски претседател Александар Вучиќ и Студентската листа.
Вучиќ го призна поразот, соопштувајќи дека студентското движење освоило околу 2,2 милиони гласови, наспроти приближно 1,7 милиони колку што освои неговата политичка партија Српска напредна странка (СНС). Станува збор за заокружени бројки што ги изнесе Вучиќ, додека конечните официјални резултати сè уште се очекуваат.
На предвремените парламентарни избори во Србија, околу 6,4 милиони избирачи избираа пратеници во 250-членото Народно собрание.
Според проекциите на истражувачката агенција ИПСОС и Центарот за слободни избори и демократија (ЦеСИД) врз основа на 56 проценти обработени гласови, предноста од половина милион гласови ќе значи 139 пратенички места за Студентската листа и 104 места за „Александар Вучиќ – Обединета Србија“. Со таква распределба, студентската листа би имала 35 пратеници повеќе од противникот и 13 над потребните 126 за мнозинство во парламентот со 250 места.
Доколку оваа проекција се потврди, Студентската листа нема да зависи од коалициски партнери за состав на влада. Дополниелно, блокот на Вучиќ би останал силна парламентарна опозиција, но без доволно места самостојно да го спречи формирањето на новото мнозинство.
Во истата проекција, преостанатите седум места им припаѓаат на малцински листи: три на Сојузот на војводинските Унгарци, две на Албанската коалиција и по едно на листата на Расим Љајиќ и на СДА Санџак. Останатите учесници не би добиле пратеници. Станува збор за проектирана распределба која со јавноста ја сподели Вучиќ а која допрва треба да биде потврдена со официјалните резултати.
Вучиќ во обраќањето од изборниот штаб призна пораз при што неговата процена беше дека Студентската листа ќе има меѓу 135 и 140 пратеници, а неговата коалиција околу 105 пратеници. Речиси веднаш по објавувањето на исходот, улиците на главниот град Белград и на други српски градови ги преплавија граѓани кои еуфорично ја славеа победата.
Вучиќ ja обвини „длабоката држава“ во САД за изборниот пораз
Вучиќ во обраќањето ги обвини независните медиуми, студентското движење и странски држави дека учествувале во обидот за уривање на неговата власт. Тој тврди дека зад политичкиот пораз стојат одредени европски земји и таканаречената „длабока држава“ во САД, за која рече дека му се противи на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Ова беше потврда на револуцијата што ја спроведоа со директна поддршка од различни европски земји и од длабоката американска држава, онаа што е против претседателот Трамп“, рече Вучиќ во изборниот штаб на Српската напредна партија.
Исходот, кој Вучиќ го објави само околу час и половина по затворањето на избирачките места, дојде по ден во кој тензиите растеа како што напредуваше гласањето. Полиција опремена за разбивање нереди го блокираше подрачјето во центарот на Белград околу седиштето на изборната комисија. Во близина на кампот на поддржувачите на Вучиќ можеа да се забележат возила на специјалната полиција, а на повеќе места низ градот се собраа големи групи мажи облечени во црно, според споделените видеа на социјалните мрежи и известувањата на српски медиуми. Веднаш по прогласувањето на поразот на Вучиќ, граѓаните влеле во Пионерскиот парк и ги отстрануваат шаторите и оградите околу кампот „Ќациленд“, во кој повеќе од година и пол престојуваа поддржувачите на власта.
Иако ѝ ја честиташе победата на студентската листа, Вучиќ тврдеше дека студентите не дејствувале самостојно, туку биле извршители на туѓи политички планови.
„Им честитам, иако тие се само извршители, извршители на валканата работа што некој друг ја осмислил за да собори една суверена држава“, рече Вучиќ.
Студентите славеа: „Никогаш повеќе тиранија во нашата држава“
Во студентскиот штаб признанието на поразот беше проследено со извици „Победа“ и „Пумпај“. Носителот на листата Илија Срдановиќ порача дека „Србија победи“ и дека земјата оди кон подобра иднина.
Речиси веднаш по објавувањето на исходот, улиците на главниот град Белград и на други српски градови ги преплавија граѓани кои еуфорично ја славеа победата.
„Никогаш повеќе тиранија во нашата земја“, рече Срдановиќ во обраќање во студентскиот штаб
Првата задача, рече тој подоцна во изјава за Н1 ТВ, е „да го работиме она што го ветивме, да го спроведеме планот за изградба на Србија, планот со кој ги запознавме граѓаните“.
Дачиќ за првпат без пратеник во српското Собрание
Најтешката последица од ваквата поларизација ја претрпе Социјалистичката партија на Србија на Ивица Дачиќ, кој беше и поранешен премиер на Србија Според првичните неофицијални процени, социјалистите освоиле околу 2,3 проценти, под изборниот цензус од три проценти. Ако резултатот се потврди, првпат од воведувањето на повеќепартизмот во 1990 година нема да имаат свои пратеници. Ова значи дека првпат, социјалистите од 1990 година нема да бидат парламентарна партија.
На прес-конференција, Дачиќ рече дека „референдумската атмосфера е непобедлива“ и додаде оти „ова не е прва битка што ја изгубиле, но никогаш не ја губеле војната во целост“.
Марта Koс: Нов почеток за Србија во односите со ЕУ
Европската комесарка за проширување Марта Кос оцени дека исhoдот од изборите во Србија означува нов почеток во односите со Брисел.
„За Србија може да започне ново поглавје. Вратите на ЕУ се отворени и подготвени сме заедно да одиме напред“, наведе Кос во писмена изјава што нејзиниот кабинет ја сподели со новинарите.
Честитајќи ѝ ја победата на Студентската листа, таа оцени дека Србија го покажала својот глас и дека, по речиси две години протести за демократија, владеење на правото и борба против корупцијата, граѓаните излегле на изборите во историски број.
„То токму тие вредности кои се во самото срце на нашата Европска унија“, порача Кос.
Изборната победа му дава на движењето произлезено од протестите по трагедијата во Нови Сад можност самостојно да ја преземе одговорноста за управувањето. Парламентарното мнозинство би му овозможило да избере влада и да носи закони, но истовремено го поставува пред очекувањето протестните барања за одговорност и борба против корупцијата да ги претвори во конкретни институционални одлуки.
Конечниот број мандати ќе биде познат по завршувањето на официјалната изборна постапка.
Предвремените парламентарни избори во Србија следуваа по речиси две години студентски протести, што почнаа по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година при што загинаа 16 луѓе. Барањата за одговорност за трагедијата прераснаа во пошироко движење против корупцијата и начинот на владеење. Студентската листа меѓу своите кандидати на листата вклучи експерти, свои професори, спортисти, земјоделци и уметници, а не само претставници на студентското движење.
Падот на Вучиќ и СНС доаѓа по 14 години откако тој дојде на власт во 2012 година.
Првично, тој беше вицепремиер две години во владата на Ивица Дачиќ. Во 2014 стана премиер, а на таа функција остана до 2017. Тогаш, ја напушти премиерската позиција и стана претседател на Србија. Откако имаше два претседателски мандати што е максимум според Уставот на Србија, тој си поднесе оставка за да се обиде повторно да стане премиер и се кандидираше како носител на листата „Обединета Србија“ на СНС.


