Вучиќ призна пораз: Јасно е дека ги изгубивме изборите!

Објавено:

Поранешниот претседател на Србија и носител на листата „Обединета Србија“, Александар Вучиќ, призна пораз на предвремените парламентарни избори.

„Јасно е дека ги изгубивме изборите“, рече Вучиќ.

Според податоците на неговата партија Српска напредна странка (СНС), неговата листа освоила околу 1.700.000 гласови, додека студентите и нивната листа „Студентите победуваат“ освоиле околу 2.200.000 гласови.

Вучиќ рече дека студентската листа, според нивната проекција, ќе има помеѓу 135 и 140 пратенички мандати, додека неговата партија заминува во опозиција со околу 105 пратеници.

Вучиќ посочи дека другите кандидатски листи, освен малцинските, не го поминале цензусот од 3% освоени гласови.

„Ова е верификација на револуција што ја спроведоа со поддршка од различни европски земји и длабоката американска држава што е против претседателот Доналд Трамп“, рече Вучиќ.

Главната политичка битка на денешните предвремени парламентарни избори во Србија се водеше меѓу Српската напредна странка и Студентската листа.

Изборите следуваат по речиси две години студентски протести, почнати по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога загинаа 16 луѓе. Барањата за одговорност за трагедијата прераснаа во пошироко движење против корупцијата и начинот на владеење. Студентската листа меѓу своите кандидати на листата вклучи експерти, свои професори, спортисти, земјоделци и уметници, а не само претставници на студентското движење.

Во центарот на Белград поддржувачите на студентското движење веќе слават.

Падот на Вучиќ и СНС доаѓа по 14 години откако тој дојде на власт во 2012 година.

Првично, тој беше вицепремиер две години во владата на Ивица Дачиќ. Во 2014 стана премиер, а на таа функција остана до 2017. Тогаш, ја напушти премиерската позиција и стана претседател на Србија. Откако имаше два претседателски мандати што е максимум според Уставот на Србија, тој си поднесе оставка за да се обиде повторно да стане премиер и се кандидираше како носител на листата „Обединета Србија“ на СНС.