Кои се првите пораки од штабот на студентите?

Објавено:

Александар Вучиќ призна пораз на предвремените парламентарни избори. По 14 години на власт, од кои 12 тој беше премиер или претседател, студентите ги соборија него и партијата Српска напредна странка (СНС).

Додека студентите и граѓаните што ги поддржуваат слават низ градовите во Србија, од централниот штаб на партијата, кандидатите од Студентската листа ги испратија првите пораки.

„Никогаш повеќе тиранија во нашата земја“, рече Илија Срдановиќ, носител на листата.

Првата задача, рече тој подоцна во изјава за Н1 ТВ, е „да го работиме она што го ветивме“.

„Да го спроведеме планот за изградба на Србија, планот со кој ги запознавме граѓаните“, рече Срдановиќ.

Академик Радомир Саичиќ, уште еден од кандидатите од Студентската листа, порача дека резултати покажуваат оти водат убедливо на сите гласачки места.

„Мила Србијо, вечерва се слуша гласот на народот, вечерва се слуша гласот на слободата“, рече тој пред новинарите.

„Ова е победа на храброста над стравот, победат на вербата дека Србија може и мора поинаку. Мила Србија, победата носи и одговорност“, рече Саичиќ.

Кандидатот Јово Бакиќ рече дека не очекувал оти Вучиќ ќе се реши да признае пораз, но очекувал убедлива победа на Студентската листа.

„Ние сега мораме да тргнеме со пресметка со организираниот криминал што ја загрозува нашата држава“, рече Бакиќ.

Во штабот студентите и нивните поддржувачи играа ора, прославата се прелеа и на улиците во Белград и ширум Србија.

Изборите во Србија следуваа по речиси две години студентски протести, почнати по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога загинаа 16 луѓе. Барањата за одговорност за трагедијата прераснаа во пошироко движење против корупцијата и начинот на владеење. Студентската листа меѓу своите кандидати на листата вклучи експерти, свои професори, спортисти, земјоделци и уметници, а не само претставници на студентското движење.