Студентската листа победи на предвремените парламентарните избори во Србија што се одржаа денеска, на кои главен противкандидат на студентите им беше Александар Вучиќ, сега веќе поранешен претседател на Србија.
Илија Срдановиќ, водачот на листата „Студентска листа – Студентите победуваат“, вечерва објави дека Србија победила, додавајќи дека е горд на луѓето кои знаеле да кажат „не“ на тиранин.
„Се движиме кон цивилизирана и подобра Србија“, рече Срдановиќ.
Во штабот на студентите се слави, со извици „Победа“, „Пумпај“ и „Браво“. Се очекуваат и првите официјални обраќања.
Студентите заедно ја испеаја песната „Србија се буди“, која претходно на митинг во Славија ја изведе кандидатот на листата, професорот Александар Чупиќ. Пред штабот се собираат граѓани кои исто така слават, јавуваат српски медиуми.
Претходно, Вучиќ го призна поразот.
„Јасно е дека ги изгубивме изборите“, рече Вучиќ.
Според податоците на неговата партија Српска напредна странка (СНС), неговата листа освоила околу 1.700.000 гласови, додека студентите и нивната листа „Студентите победуваат“ освоиле околу 2.200.000 гласови.
Вучиќ рече дека студентската листа, според нивната проекција, ќе има помеѓу 135 и 140 пратенички мандати, додека неговата партија заминува во опозиција со околу 105 пратеници.
Главната политичка битка на денешните предвремени парламентарни избори во Србија се водеше меѓу Српската напредна странка на Вучиќ и Студентската листа.
Изборите следуваат по речиси две години студентски протести, почнати по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога загинаа 16 луѓе. Барањата за одговорност за трагедијата прераснаа во пошироко движење против корупцијата и начинот на владеење. Студентската листа меѓу своите кандидати на листата вклучи експерти, свои професори, спортисти, земјоделци и уметници, а не само претставници на студентското движење.
Падот на Вучиќ и СНС доаѓа по 14 години откако тој дојде на власт во 2012 година.
Првично, тој беше вицепремиер две години во владата на Ивица Дачиќ. Во 2014 стана премиер, а на таа функција остана до 2017. Тогаш, ја напушти премиерската позиција и стана претседател на Србија. Откако имаше два претседателски мандати што е максимум според Уставот на Србија, тој си поднесе оставка за да се обиде повторно да стане премиер и се кандидираше како носител на листата „Обединета Србија“ на СНС.


