Новинарството постои за да поставува прашања. Да проверува факти. Да ги држи моќните под лупа и да им служи на граѓаните. Во време на брзи вести и намалена доверба во информациите, Колегиум.мк ќе се држи до оваа едноставна, но важна работа во новинарството: довербата во информациите.
Називот Колегиум.мк не е случаен. Тоа е место на дијалог, на аргументи и на различни мислења. Редакциски простор во кој новинарството се создава преку знаење, проверка и колегијална одговорност. И простор во кој фактите се поважни од мислењата, а прашањата се поважни од готовите одговори.
Нашата цел не е само да бидеме уште еден извор на вести – туку медиум што инсистира на одговори каде тие најчесто се премолчуваат, што истражува таму каде има сомнеж и што отвори простор за информирана јавна дебата.
Целта е да отвораме и теми што често остануваат на маргините – приказни за луѓе, за локални проблеми и за одлуки што директно влијаат врз секојдневниот живот. Но, и да понудиме иновативен пристап со кој Вие ќе ги обуете чевлите на луѓе кои заглавуваат низ системот, да ги поминете скалилатата и сопките на кои секој може да наиде. Тоа е нашиот знак, нов начин на раскажување на новинарските приказни преку едноставна игра. Гејмификацијата на сториите ви нуди можност да научите како да ги избегнете пропустите во системот.
Колегиум.мк е создаден од тимот на македонскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) кој згасна на 31 март – не по свој избор. Но, мисијата за слободно и одговорно новинарство продолжува. Бидејќи тимот на Колегиум.мк верува во начелото дека јавноста има право не само на наслови, туку и на објаснување. Не само на изјави, туку и на контекст. Не само на кликови, туку и на одговорност. Нашата работа се темели на три принципи: проверка на информациите, глас на граѓаните и независност од какви било центри на моќ.
Затоа што за нас јавниот интерес е поважен од сè друго. Свесни сме дека довербата во медиумите денес не се подразбира. Таа мора
повторно да се гради – внимателно, чекор по чекор.

