Штрајк во Грција, прекини во патничкиот сообраќај

Објавено:

Вработени во јавниот сектор, морнари, наставници и дел од аеродромскиот персонал денеска учествуваат во 24-часовен синдикален штрајк, поради што патничкиот сообраќај во Грција е отежнат.

Поради прекинот на работата, се очекуваат промени во распоредот на градскиот превоз, откажување на одредени фериботски линии и домашни летови.

Штрајкот ќе влијае и на поморскиот сообраќај. Синдикатите на морнарите најавија прекин на работата на различни категории бродови, што може да доведе до откажувања и промени на фериботските линии.

Не се очекуваат поголеми прекини во воздушниот сообраќај, но компаниите „Егеан“ и „СКАЈ експрес“ откажаа некои домашни летови поради учеството на вработените на регионалните аеродроми во штрајкот, пренесуват медиумите.

На патниците им се препорачува да ги проверат информациите за нивните летови кај авиокомпаниите и аеродромите.

На штрајкот се приклучија и наставниците. Федерацијата на службеници за средно образование ги повика вработените во средните училишта и гимназиите да престанат со работа, а продолжувањето на наставата ќе зависи од бројот на наставници што учествуваат во штрајкот.

Тешкотии се очекуваат и во работата на јавните служби, даночните администрации, фондовите за социјално осигурување и општините.

Меѓу главните барања на синдикатот се зголемување на платите, мерки за ублажување на последиците од високите трошоци за живот и домување, зајакнување на јавните служби, склучување колективни договори и враќање на 13-та и 14-та плата на вработените во јавниот сектор.