Секој час пет жени во светот се жртви на фемицид

Објавено:

На секои 11 минути, односно по пет жени секој час или 129 жени дневно, се жртви на фемицид. Ова е алармантниот биланс од најновиот извештај за фемицид (The 2026 Femicide Brief), објавен од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (UNODC) и Телото на Обединатите Нации за родова еднаквост (UN Women) по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.

Според податоците за 2025 година, од вкупно 78.000 евидентирани фемициди на глобално ниво, дури 60 проценти, односно 47.000 жртви биле убиени во приватната сфера, од нивен партнер или близок роднина. Извештајот нотира дека иако оваа бројка е формално пониска од проценката за 2024 година (50.000 жртви), тоа не се должи на реално намалување на насилството, туку на подобрена методологија и достапност на податоци на национално ниво.

Регионална распределба на ризикот

Ниту еден регион во светот не е имун на овој проблем, но стапките на жртви на 100.000 жени значително варираат по континенти

Иако Европа има најниска стапка, податоците покажуваат загрижувачки тренд во динамиката на намалување на криминалот. Помеѓу 2010 и 2025 година, општата стапка на убиства во Европа опаѓала околу 1,5 пати побрзо отколку стапката на фемицид (во Америка тој сооднос е речиси двојно побрз).

Системски пропусти и неказнивост

Од ОН нагласуваат дека фемицидот ретко е изолиран инцидент, туку најчесто е крајна точка на долготрајна шема на физичко и сексуално насилство, закани и злоупотреба што можеле да бидат спречени. Сепак, соочени со бројни бариери, најголем дел од жените никогаш не пријавуваат насилство кај институциите, додека сторителите често остануваат неказнети.

„Застрашувачките ставови, општествените норми и неуспехот на институционалните заштитни механизми создаваат средина во која убиството на сопруга, ќерка, мајка или сестра станува ’толерантно‘“, изјави Моника Јума, извршна директорка на UNODC, повикувајќи на специјализирани програми за работа со сторителите и суштински промени во општественото однесување.

Извршната директорка на UN Women, Сима Бахус, предупреди дека секоја пропуштена шанса да се заштити жртвата претставува директен пораз на правосудниот систем: „Мораме итно да дејствуваме за да осигураме дека ниту еден знак за предупредување нема да биде игнориран, ниту една преживеана жртва нема да остане без заштита и ниту еден сторител нема да избегне одговорност.“

Во пресрет на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ (25 ноември – 10 декември), пред седиштето на ОН во Њујорк беше поставена симболична инсталација со 129 портокалови знамиња, по едно за секоја жена убиена во текот на еден ден, со порака дека родово базираното насилство не е приватна работа, ниту неминовност, туку резултат на избори и системски одлуки.