Камшикувана пејачка во Иран затоа што пеела јавно без да носи хиџаб

Објавено:

Иранските власти спроведоа казна со камшикување врз поп-пејачката Парасту Ахмади и четворица членови на нејзиниот концертен тим во понеделник, поради настап на кој таа пеела без хиџаб, изјави нејзиниот адвокат. Адвокатот Мостафа Нили, иранскиот новинскиот портал „Емтедад“ изјави дека тимот за извршување на казната ја спровел пресудата врз Ахмади во раните утрински часови во понеделник.

Пресудите за камшикување против членовите на бендот Сохеил Фагих-Насири, Амин Тахери и Амирали Пирнија, како и против организаторот на концертот Мохсен Лашкари, биле извршени истиот ден, рече Нили.

Кривичен суд осуди девет членови на концертниот тим на по 74 удари со камшик, двегодишна забрана за напуштање на земјата и двегодишна забрана за уметничка дејност.

„Хипотетички концерт“

Ахмади настапи во каравансарајот во близина на историскиот град Ком на вечерта на 11 декември 2024 година без хиџаб. Немаше присутна публика. Концертот беше емитуван во живо на YouTube и собра околу 3 милиони прегледи во наредните денови. Опишувајќи го настапот како „хипотетички концерт“, Ахмади на својот YouTube канал напиша:

„Сакам да пеам за луѓето што ги сакам. Ова е право од кое не можев да се откажам, односно да пеам за земјата што страсно ја сакам“.

Кривичниот суд ја обвини групата за „навредување на јавниот морал преку создавање и ширење вулгарни и неморални содржини на интернет“.

„Амнести интернешенел“ во јуни повика пресудите да бидат поништени, оценувајќи дека камшикувањето е „сурова, нечовечка и понижувачка казна“ со која се крши апсолутната забрана за тортура и друго лошо постапување. Организацијата го повика Техеран да ги укине задолжителното носење превез и телесното казнување и да стави крај на криминализацијата на слободата на изразување.

Контрадикторности на режимот во Техеран

Според законите на Исламската Република, на жените им е забрането да пеат во јавност во простори каде што се присутни мажи. Иако кривичното право изрично не го криминализира пеењето на жените како такво, изведувачките обично се соочуваат со обвиненија за поттикнување корупција и проституција, непочитување на хиџабот или повреда на јавниот морал.

Властите во последниве години го користеа ова обвинение за да затворат многу страници на социјалната платформа Инстаграм што им припаѓаат на ирански пејачки. Појавувањето во јавност без хиџаб се казнува со затвор од 10 дена до два месеци, до 74 удари со камшик или парична казна.

Пресудите против Ахмади и нејзините соработници се во контраст со сцените од провладините собири одржани за време на американските и израелските воени напади врз Иран претходно во 2026 година, кога нашироко кружеа снимки на кои се гледаат жени на собирите без задолжителен хиџаб.

На провладин собир во Техеран беше емитуван и настап на либанската пејачка Џулија Бутрос, на кој Бутрос исто така не носеше хиџаб.

Претходно, за време на протестното движење „Жена, живот, слобода“ во 2022 година, Ахмади ја изведе протестната песна „Az khun-e javanan-e vatan“ („Од крвта на младите на татковината“).

Откако песната беше нашироко споделена на социјалните мрежи, безбедносните сили извршија претрес во нејзиниот дом и таа доби наредба да се јави во безбедносното обвинителство во Техеран.

Движењето „Жена, живот, слобода“ се појави во Иран во септември 2022 година по смртта на 21-годишната Махса Амини во притвор на моралната полиција во Техеран. Амини беше приведена поради наводни пропусти во врска со нејзиниот хиџаб.

Организациите за човекови права наведуваат дека во последователното задушување на протестите загинале повеќе од 500 луѓе.