Најмалку 490.000 руски војници загинале во војната во Украина до крајот на септември 2026 година, покажува анализата на податоците од рускиот државен завод за статистика „Росстат“.
Независните руски медиуми „Медиазона“ и „Медуза“ проценуваат дека бројот на загинати војници во истиот период достигнал околу 700.000, кога ќе се земат предвид и смртните случаи што сè уште не се официјално евидентирани, вклучително и дел од војниците кои се водат како исчезнати.
Во заедничкото истражување објавено вчера, двата независни руски медиума анализирале податоци за смртноста што им ги доставила група белоруски и украински хакери.
„Росстат“ престанал јавно да ги објавува овие податоци во средината на 2025 година.
Новинарите ги споредиле податоците од протечената база со евиденцијата за оставински постапки, судските одлуки и списокот со имиња на загинатите што „Медиазона“ го води заедно со руската редакција на Би-Би-Си и волонтери.
Во околу 425.000 записи смртта е директно поврзана со воените дејствија. Меѓу евидентираните загинати има и околу 45.000 мажи кои претходно се воделе како исчезнати, а подоцна со судска одлука биле прогласени за починати.
Авторите на истражувањето наведуваат дека дел од смртните случаи се евидентираат една година или повеќе по загинувањето и дека од 2024 година расте уделот на ваквите случаи.
Поради тоа, при проценката на вкупниот број загинати, покрај официјалните евиденции и судските податоци, за првпат ги користеле и објавите на семејствата кои трагаат по исчезнатите војници.
Проценката од околу 700.000 се однесува исклучиво на загинатите руски војници. Ранетите не се опфатени со истражувањето.


