Претседателот на ДУИ, Али Ахмети упати отворено писмо до министерот за правда, Јетон Шасивари, во кое, како што вели, станува збор за јазичните права на Албанците, за почитувањето на правниот поредок на државата и за спроведувањето на едно право стекнато со големи жртви, политички отпор и институционални напори.
Законот за употреба на јазиците, усвоен во 2018 година и кој стапи во сила во 2019 година, претставува значаен акт и достигнување во остварувањето на јазичните права на Албанците, во согласност со Амандманот V на Уставот и Охридскиот мировен договор, од кој произлегува и со кој е поврзано ова право, додава Ахмети.
За жал, смета тој, во текот на повеќе од две години од владеењето на оваа Влада, се забележува загрижувачки тренд на стеснување на колективните права на Албанците, особено на јазичните права. Слабеењето на правната и институционалната положба на Инспекторатот за употреба на јазиците, преку одземањето на статусот на правно лице, како и маргинализацијата на Агенцијата за примена на јазиците, се показатели и докази за овој ограничувачки пристап во рамките на системот.
Во овој контекст, прашањето за полагањето на правосудниот испит и другите државни стручни испити на албански јазик стана сериозен тест за почитувањето на законот и еднаквоста на граѓаните, истакнува Ахмети.
Господине министре, тука не постои никаква правна нејаснотија што би можела да послужи како оправдување за негирање на ова право. Законот за употреба на јазиците јасно го уредува ова прашање, наведува лидерот на ДУИ.
„Сакам уште еднаш јасно да нагласам: правосудниот испит неопходно треба да се полага и на албански јазик. Секое друго решение со кое би се ограничила или условувала употребата на албанскиот јазик при полагањето на овој испит е во спротивност со Законот за употреба на јазиците“, нагласува Ахмети.
Ве повикувам да покажете политичка, институционална и национална одговорност! Да се откажете од секој обид за стеснување на јазичните права на Албанците и да ги запрете иницијативите насочени кон релативизирање и деградирање на Законот за употреба на јазиците!, вели Ахмети.
„Поради сите овие загрижености, кои се однесуваат не само на спроведувањето на Законот за употреба на јазиците, туку и на повредата на нашите колективни права што произлегуваат од Охридскиот мировен договор, отворено им се обраќаме и на меѓународните гаранти на овој договор: Соединетите Американски Држави, Европската Унија и НАТО, како и на властите во Тирана и Приштина“, стои во писмото на Али Ахмети, претседател на ДУИ.


