Мицкоски по незадоволството на студентите: Ќе добијат многу повеќе од 140 денари дневно

Објавено:

Подготвуваме еден поголем пакет кој е единствен таков во Европа, каде што студентите преку апликацијата М-услуги ќе имаат повеќе привилегии и повеќе услуги во коишто ќе користат привилегии. Ценам дека кога сево ова ќе биде готово, ќе биде пријатно изненадување за студентите, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Во интервју за Телма телевизија тој посочи дека студентите ќе бидат поканети за да им биде претставена понудата, нагласувајќи дека „на овој начин многу повеќе ќе се зголемат привилегиите на студентите од тоа што се сега – 140 денари за дневен студентски оброк“.

„Тоа ќе зависи од договорите што ќе ги потпишеме со економските оператори. Некои економски оператори може да дадат привилегија што ќе биде 5 проценти, некои може да дадат привилегија 20, 25, па и 50 проценти. Затоа велам, ако тоа го спроведеме, мислам дека ќе биде многу повеќе од тоа што денес го добиваат“, рече Мицкоски.

Инаку, претходно студентските организации побараа субвенционираниот студентски оброк да се зголеми од сегашните 140 на 200 денари, а предлогот од владата беше воведување на систем по кој ќе добиваат ваучери само за храна.

Студентските претставници бараат поголема финансиска поддршка со оглед на зголемените трошоци за живот.

„Поентата е што побрзо да се зголеми тој студентски оброк. Така што, независно од систематските промени – дали ќе функционираме со картички како досега или ќе го менуваме системот – ние бараме во најбрз можен рок да се зголеми оброкот. Колку ќе се зголеми? Таков одговор не добивме“, изјави неодамна претставничка на студентите по разговорите во Владата.