Две лица се повредени во пукање во Првото техничко училиште во Крагуевац, кое се случило околу 8 часот утрово, потврди српското Министерство за внатрешни работи (МВР). Полицијата уапсила 17-годишен ученик во училиштето. Од МВР нагласуваат дека ниту еден ученик не е повреден.
Директорот Немања Јоксимовиќ изјави дека ученик од четврта година утрово застрелал вработена во училиштето, која не е животно загрозена.
Ученикот е уапсен, а сите останати ученици безбедно ја напуштиле училишната зграда.
Јоксимовиќ потврди дека во пукањето е повредена една вработена во училиштето.
„Колешката не е животно загрозена. Со брза реакција на Министерството за внатрешни работи ученикот е уапсен. Продолжуваме да ја следиме ситуацијата и ќе се потрудиме наставата во училиштето што побрзо да се нормализира“, изјави Јоксимовиќ.
Во врска со неофицијалните информации за наводно постоење список на потенцијални жртви, директорот рече дека засега нема такви сознанија и дека полицијата врши увид.
На прашањето дали уапсениот ученик и претходно бил проблематичен, Јоксимовиќ одговори дека никогаш немало проблеми со него.
„Учениците безбедно ја напуштија установата. Настанот се случил за време на првиот час, така што ниту еден од останатите ученици не бил присутен, што е добра околност во ваква ситуација“, истакна директорот.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека во полицијата во Крагуевац било пријавено дека во Првото техничко училиште се случил инцидент во кој две лица се повредени. Едното лице најверојатно било повредено од огнено оружје, а другото при пукање на стакло.
Полицијата го совладала и уапсила 17-годишниот ученик, кој е осомничен дека во холот на училиштето употребил малокалибарска пушка, се наведува во соопштението.
Полициски екипи се на терен и интензивно работат на утврдување на сите факти и околности на настанот.
Според неофицијални информации на српскиот неделник „Време“, 17-годишниот ученик влегол во училиштето со малокалибарско оружје и ги повредил чистачката и уште едно лице вработено во училиштето.


