Генерација без граници: Млади од Македонија, Србија и Косово заедно во Крушево

Објавено:

Од денеска до 28 ноември во Крушево се одржува Меѓународната младинска конференција „Младите клучни чинители во обликување на мирот и безбедноста преку дијалог за политики“.

Над 50 млади од Македонија, Србија и Косово ќе седнат на иста маса за да разговараат за довербата, сеќавањето на минатото и мирот во регионот, заедно со истакнати говорници од граѓанскиот сектор, институциите и меѓународните организации.

Конференцијата ја организира Младинска алијанса – Крушево како дел од регионалниот проект „PRO PEACE: Патот на младите кон одмрзнување на регионалната доверба, стабилноста и безбедноста“.

Три дена, три тешки прашања. Може ли регионот да се ослободи од товарот на минатото? Како да се гради доверба во време на несигурност и лажни вести? И каква улога имаат младите кога треба да се спречи следниот конфликт? Овие прашања младите ќе ги отворат на три панел-дискусии со истакнати говорници од регионот.

По секој панел следува тркалезна маса. Таму младите заедно со општините, училиштата, медиумите и граѓанските организации ќе ги договорат конкретните чекори.

Попладнињата во Крушево ќе бидат посветени на снимањето на документарниот филм Перспектива „Невидливи граници во регионот“.

Во него младите од Македонија, Србија и Косово сами раскажуваат за границите што не се гледаат на мапата, но сè уште ги делат луѓето.

Проектот се спроведува со поддршка на Ifa (Institut für Auslandsbeziehungen) и Сојузното министерство за надворешни работи на Германија.