Мицкоски: Следните парламентарни избори ќе бидат во април 2028

Објавено:

Ќе имаме редовни парламентарни избори во април 2028 година, рече премиерот Христијан Мицкоски на прашање дали власта се спрема за парламентарни избори пред редовниот термин.

„Ние имаме редовни избори на пролет 2028 година, но доколку има некаква иницијатива од здружената опозиција, ние сме подготвени да ја поддржиме таа иницијатива“, рече Мицкоски.

Во тој случај, кон крајот на декември 2027 година ќе треба да се избере техничка Влада која ќе раководи до изборите.

Максим Димитриевски, претседател на партијата ЗНАМ која е коалициски партнер во Владата, најави дека ЗНАМ ќе излезе од Владата доколку се прифати правосудниот испит да се полага на друг јазик освен на македонски, како што бараат студенти Албанци. Тоа е обид да му се даде алиби на Мицкоски, за предвремени парламентарни избори, оценија опозициските СДСМ и Алијанса на Албанците.

Но, Мицкоски вели дека нема договор за предвремени избори во владејачката коалиција.

„Нема потреба таа тема да ја третираме и да бараме некакви заговори, некакви тајни договори и слично. Многу е едноставно. Ако здружената опозиција сака предвремени парламентарни избори, поднесуваат иницијатива за распуштање на парламентот, ние ја поддржуваме и одиме на предвремени парламентарни избори. Ние работиме како да имаме редовни парламентарни избори во пролетта 2028 година. Многу едноставно. Не барајте воопшто теории на заговори, сценарија – овој ќе напуштал, тој ќе напуштал. Тука се политичките партии од опозицијата, нека поднесат здружена иницијатива за распуштање на парламентот и тука сме ние. Нема проблем, ќе одговориме позитивно секогаш“, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ вчера најави дека почнува активности на терен со посети на сите населени места за да се сретне со граѓаните.

„Целта е едноставна, да се разговара и да се слушне од граѓаните за она што функционира и за она што не функционира“, соопштија вчера од ВМРО-ДПМНЕ.

Последните парламентарни избори во Македонија се одржаа на 8 мај 2024 година, на ист датум со вториот круг од претседателските избори. Победија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ со значителен број гласови пред дотогаш владејачкиот СДСМ.