Уапсен е еден од напаѓачите на екипата на Итната медицинска помош во скопската општина Аеродром, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Настанот се случил во саботата попладне, на 21 ноември пред поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, при што физички биле нападнати доктор и медицинска сестра. Според пријавата, во нападот учествувале татко и син.
Според информациите од МВР, на 21 ноември, во 19.15 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Ј. К. (41) од Скопје, откако околу 17.30 часот тој и неговиот 62-годишен татко, С. К., по претходно недоразбирање, физички нападнале лекар и медицинска сестра.
Првичните неофицијални информации за настанот се дека таткото и синот дошле на клиниката со постар пациент, кој бил болен од карцином и наводно, испил антифриз за да си го одземе животот.
Лекарската комора го осуди насилството врз здравствените работници и побара итна реакција од надлежните институции. Од Комората апелираат до Министерството за внатрешни работи и правосудните органи што поскоро да го расчистат случајот и да преземат соодветни мерки против одговорните лица.
Лекарската комора потсетува дека физички напад врз здравствен работник при извршување на службените задачи претставува кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години.
„Недозволиво е докторите и медицинскиот персонал да бидат изложени на физичко и вербално насилство и да работат во услови на загрозена безбедност“, соопштија од Лекарската комора.
Од 2023 година нападот врз лекар, медицинска сестра или друг здравствен работник при вршење на работните задачи се третира како кривично дело. Предвидена е казна од шест месеци до пет години затвор.
Според податоци од анкета на Лекарска комора, повеќе од 70 отсто од докторите се соочиле со насилство на работното место, а најголем дел од нападите не се пријавуваат.


