На предлог на Министерството за здравство, Владата ја усвои информацијата за формирање Центар за итна медицинска помош Скопје, со цел воспоставување поефикасен и поодржлив систем за итен медицински одговор, скратување на времето на интервенција и унапредување на капацитетите за спасување човечки животи, најави министерот за здравство, Азир Алиу.
„Одвојувањето на Итната медицинска помош претставува значајна системска реформа насочена кон зајакнување на организациската и оперативната самостојност на службата. Со формирањето самостоен Центар за итна медицинска помош ќе се овозможи поефикасно управување со ресурсите, посебно буџетско планирање, побрзо донесување одлуки и подобрување на одговорот на итните повици. Предложената реформа не претставува создавање нов систем, туку институционално зајакнување и модернизација на постојната организација за подобро планирање на ресурсите, инвестициите и кадровскиот развој“, појаснува Алиу.
Според податоците на Министерството за здравство, граѓаните во Македонија во одредени случаи чекаат брза помош и до 40 минути – додека во Словенија просечното време на одговор изнесува меѓу седум и осум минути.
„Во здравството времето е лек – не е важна само експертизата на лекарот, туку и моментот кога ќе пристигне до пациентот“, кажа Алиу.
Од Министерството за здравство соопштија дека во првата фаза е предвидено издвојување на Итната медицинска помош – Скопје како самостојна институција, по што постепено ќе следи интегрирање на останатите служби во рамки на идниот Центар за итна медицинска помош.
Од Министерството за здравство велат дека реформата се темели на позитивните искуства од земјите во регионот, каде итната медицинска помош е организирана како самостојна институционална структура, што овозможува подобра координација на тимовите, поефикасно користење на ресурсите и воспоставување единствени стандарди за работа и професионален развој. Формирањето на Центарот ќе придонесе за надминување и на долгогодишните кадровски и организациски предизвици, обезбедувајќи поефикасен систем на итна медицинска помош за граѓаните, наведуваат од Министерството.
Системот за итна помош се состои од 33 здравствени центри во земјава, и секој од нив во својот реон раководат и го организираат функционирањето на Брза помош. Но, според истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), дури половина од нив кубурат со кадар и имаат помалку од минимум од потребните тимови во Брза помош.
Истражувањето покажа дека на земјава ѝ недостигаат дури 52 тима за итна медицинска помош и тоа само за да се задоволи законскиот минимум.


