Американскиот претседател Доналд Трамп отворено повика на промена во украинското раководство, велејќи дека е време Украина да добие нов претседател наместо Володимир Зеленски.
Тој ја даде изјавата пред новинарите во Белата куќа, во време на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Киев околу договорот на САД со Русија за снабдување со дизел, пишува Асошиејтед прес.
„Знаете што предлагам? Предлагам да добијат нов лидер кој може да склучи договор. Бидејќи тој би можел да склучи многу договори, но од некоја причина никогаш не го прави тоа. Мислам дека е време Украина да добие нов претседател“, рече Трамп.
Трамп го критикуваше Зеленски и за украинските напади врз руските рафинерии, кои влијаеја на глобалните снабдувања со дизел.
„Им рековме: Можете да правите што сакате со Русија, но не ги напаѓајте рафинериите бидејќи тоа предизвикува проблеми за целиот свет“, рече Трамп.
Тој го обвини украинскиот претседател дека со своите потези предизвикува проблеми за други земји, вклучително и за САД.
„Тој сака да создаде проблеми за целиот свет. Сака да создаде проблеми за нашите земјоделци и сточари поради дизел горивото, бидејќи Русија снабдува голем дел од светот со дизел“, рече тој.
Американскиот претседател упати и остра порака до Зеленски, велејќи: „Подобро да престане“.
Изјавите на Трамп доаѓаат откако тој објави договор со рускиот претседател Владимир Путин за снабдување на светскиот пазар со големи количини руски дизел. Со овој потег, Вашингтон се обидува да го ублажи порастот на цените на горивата, кои дополнително се зголемија поради војната со Иран во која се вклучија САД. Паралелно, ваквиот договор на Трамп кој треба да ги намали цените доаѓаат и во пресрет на ноемвриските избори за Конгресот во кои неговата републиканска партија би можела да ја загуби контролата во двата дома – Сенатот и Претставничкиот дом.
Според најавата на Трамп, Русија треба веднаш да испорача повеќе од 300.000 тони дизел, по што ќе следат дополнителни 500.000 тони во ноември и милион тони потоа. Најавени се и дополнителни испораки.
Зеленски остро го критикуваше ваквиот договорот, предупредувајќи дека дополнителните приходи од продажбата на руски енергетски производи ќе ѝ овозможат на Москва да ја продолжи војната.
„Денес, Русија се заблагодари за укинувањето на санкциите за извоз на дизел со фрлање пет наводни бомби врз станбени згради во Запорожје“, напиша Зеленски денеска на социјалната мрежа X.
Зеленски го нарече договорот и „подарок“ од Трамп за Путин.


