Саша Богдановиќ формираше партија, доби поддршка од СНС на Вучиќ

Објавено:

Српска демократска лига е името на новата политичка партија во Македонија, предводена од поранешниот градоначалник на Општина Центар и член на СДСМ, Саша Богдановиќ.

Партијата, како што објави тој на социјалните мрежи, синоќа во Македонската филхармонија го одржала Првиот изборен конгрес. Помеѓу гостите, имало претставници на други политички партии и лица од јавниот живот во земјава, како и претставничка на Српската напредна странка од Република Србија.

За главен поддржувач на партијата на Вучиќ изминативе години во Македонија важи и Иван Стоилковиќ, кој е на чело на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ). Стоилковиќ 20-тина години беше пратеник во Собранието, а во 2024 година беше избран за вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците во Владата на Христијан Мицкоски. Со реконструкцијата на владиниот кабинет, тој се пресели во друг ресор и од јули 2026 е министер за локална самоуправа.

СНС е владејачката партија во Србија, која долги години беше предводена од доскорешниот претседател Александар Вучиќ, кој сега е носител на листата за претстојните парламентарни избори закажани за 25 октомври.

nevena-gjuric-sns-bogdanovic-partija
Невена Ѓуриќ, потпретседателка на Главниот одбор на СНС / Фото: ФБ профил на Саша Богдановиќ

Невена Ѓуриќ, потпретседателка на Главниот одбор на СНС беше и една од говорничките на конгресот, а Богдановиќ упати благодарност за поддршката.

„Ова не е само нова политичка сила, туку претставува историска обнова на соработката и традицијата на првата Српска лига основана во Скопје уште во 1908 година. Со организираност, достоинство и единство, ќе го чуваме својот идентитет, истовремено почитувајќи го и идентитетот на другите!“, вели Богдановиќ во објавата.

Делегатите на конгресот синоќа дале едногласна поддршка за формирање на Централниот и Надзорниот одбор на партијата и го усвоиле Предлог-договорот за коалиција.

Богдановиќ долги години беше функционер од редовите на СДСМ. Беше претседател на Општинската организација на социјалдемократите во Центар. Одреден период беше директор на Јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ), а во мандат од 2017 до 2021 беше и градоначалник.