Поранешниот воен командант Насер Ориќ е уапсен во вторникот претпладне, 24 ноември, на подрачјето на Олово, на 40 километри од Сараево, потврдија за Радио Слободна Европа од Агенцијата за истраги и заштита на БиХ (СИПА). Станува збор за полициска акција која, како што се наведува, е насочена против лица за кои постои сомнение дека помагале во криењето на бегалецот Ѓорѓе Ждрале. Од оваа агенција попладнето соопштија дека во полициската акција се уапсени пет лица.
Како што се наведува во соопштението за јавноста, тие се доведуваат во врска со давање помош на Ѓорѓе Ждрале, по кого полицијата на Република Српска активно трага, и тоа во врска со неговото бегство, криење докази и обид за лажирање докази во предмет кој се однесува на кривично дело „Тешко убиство“ во обид.
„При претресите на повеќе локации, вклучувајќи и објекти во сопственост на Ѓорѓе Ждрале, пронајдени се и привремено одземени осум пиштоли, 30 илјади марки, 10 илјади евра, повеќе мобилни телефони, компјутер и други предмети кои можат да се доведат во врска со извршувањето на кривичните дела“, се наведува во соопштението.
„Потрагата по Ѓорѓе Ждрале продолжува, а истрагата за улогата на осомничените во помагањето при неговото криење и попречувањето на доказната постапка се интензивира. Над лицата лишени од слобода ќе биде извршена криминалистичка обработка“, се додава во него.
Претходно од СИПА наведоа дека во полициската акција е уапсена и Николина Шљивиќ, поранешна пратеничка во Народното собрание на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска.
Ѓорѓе Ждрале е осомничен дека на почетокот на август во Источно Сараево се обидел да го убие Коста Пандуревиќ.
Насер Ориќ е поранешен воен командант на Армијата на Република Босна и Херцеговина на подрачјето на Сребреница за време на војната во БиХ (1992 – 1995).
Хашкиот трибунал во 2008 година правосилно го ослободи од вината за злосторства над Србите во тој град во 1992–1993 година. Советот со тоа ја преиначи првостепената пресуда, изречена во летото 2006 година, со која Ориќ беше прогласен за виновен затоа што не ги спречил злосторствата над Србите, врз основа на што беше осуден на две години затвор.
Што се случуваше на почетокот на август во Источно Сараево
Во првата недела од август се случија две пукања во Источно Сараево.
Прво, Ѓорѓе Ждрале, осуден за убиството на некогашниот началник на Управата на полицијата на Република Српска, Љубиша Савиќ Маузер, според наводите на Обвинителството на РС, е осомничен дека пукал во Коста Пандуревиќ од возило во движење.
Ден подоцна непознат сторител пукал во Давор Дабиќ, од претходно познат по трговија со наркотици. И двајцата мажи поминаа со телесни повреди.
Полициската управа Источно Сараево соопшти дека по Ждрале е распишана потрага откако пукал во Пандуревиќ и му нанел телесни повреди. Случајот е оквалификуван како кривично дело „тешко убиство во обид“.
Тоа пукање не е прв напад врз Пандуревиќ. На крајот на декември 2025 година тој беше мета на вооружен напад исто така во Источно Ново Сараево, кога беше пукано врз него на паркингот на еден забавен центар. За тој напад осомничен е Ирнес Хубијар.
Окружниот суд во Бањалука на почетокот на јули му одреди едномесечен притвор на Ирнес Хубијар од Сараево поради сомнение дека на ТикТок им се заканувал на РС и на Милорад Додик, некогашниот претседател на тој ентитет и лидер на водечката партија во РС, СНСД (Сојуз на независни социјалдемократи).
Кој е Ѓорѓе Ждрале?
За пошироката јавност е најпознат по пресудата за убиството на Љубиша Савиќ Маузер, некогашен началник на Управата на полицијата на РС и воен командант на паравоената формација Гарда „Пантери“, кој беше убиен во јуни 2000 година во Бијељина.
Судот на БиХ го осуди Ждрале поради организирање на убиството на Маузер, по што издржуваше долгогодишна затворска казна од 20 години. Беше пуштен по отслужени 12 години затвор.
Од Судот на БиХ тогаш не одговорија на прашањето на РСЕ од кои причини Ждрале бил пуштен осум години порано на слобода и дали постоеле некакви мерки за надзор.
Ждрале и претходно веќе издржувал затворска казна за убиство, но бил пуштен порано од затвор откако го помилувал тогашниот претседател на РС, Мирко Шаровиќ.
Подемот на Ждрале се совпадна со периодот кога Источно Сараево беше поприште на пресметки меѓу криминални групи настанати на урнатините од војната. Кон крајот на деведесеттите и почетокот на 2000-тите години, подрачјето на Сараевско-романискиот регион често се поврзуваше со криумчарење, изнуди, трговија со наркотици и насилни пресметки. Поединечни имиња од тоа време денес се мртви, се наоѓаат во затвори или го напуштиле јавниот живот, но нивните врски и судири повремено повторно избиваат на површина.
Името на Ѓорѓе Ждрале со години се споменуваше и во контекст на судирот со Дарко Елез, една од најдолготрајните пресметки на криминални групи во БиХ. Во судирот беа убиени повеќе лица кои се доведуваа во врска со едниот или со другиот клан.
На територијата на цела РС во последните пет години се извршени вкупно 55 убиства, покажуваат годишните извештаи на ентитетското МВР.


